„Грин Пауер“ побараа Маршот за Рацин да прерасне во традиционален и меѓународен

623
Фото: Зоран Антоски

На одбележувањето на 76-годишнината од смртта на Коста Солев Рацин на планината Лопушник и пред спомен обележјето, покрај претставници од општините Велес и Кичево, Сојуз на борците, АРМ, беа присутни и членови на еколошкото друштво „Грин Пауер“ од Велес, кои за прв пат заедно со планинари од Битола, Македонски Брод, Скопје и Кичево, го изодеа пеш патот од родниот град на Рацин, Велес, до местото на погибијата на големиот поет на планината Лопушник- Кичевско, во должина од 160 километри.

Тие за овој потфат потрошија 6 дена и пет ноќи и среќни и горделиви пристигнаа на Лопушник, каде се поклонија пред споменикот и Спомен обележјето, и побараа овој „Марш за Рацин“ да постане традиционален и во истиот да се вклучат, планинари и еколози од странство.

-Презадоволни сме што и со овој „Марш за Рацин“ го одбележуваме денот на погибијата на нашиот Коста Солев Рацин, но овој потфат беше невозможно да се изведе, ако ја немавме и несебичната помош и разбирање од Општина Велес и градоначалникот Аце Коцевски. Затоа бараме од нашата самоуправа и понатаму да помага и овој „Марш за Рацин“ да прерасне во традиционален, а на истиот би сакале да земат учество и планинари од странство, со што би му дале уште поголема тежина и важност од пошироки размери. Се надеваме дека нашето барање ќе биде прифатено од општината и наредните години маршот ќе продолжи да живее и да расне и да биде со што повеќе учесници – истакна Игор Смилев, претседател на „Грин Пауер“ од Велес.