Градоначалничката на Битола побара бесплатен јавен превоз за битолчани

142

Градоначалничката на Битола, Наташа Петровска, по бројните барања на битолчани за преземање конкретни мерки за почист воздух, денеска покрена и достави иницијатива до превозниците кои вршат општински линиски превоз на патници во Општина Битола  да обезбедат бесплатен јавен превоз со градските линии за сите патници, кои што ќе сакаат да го користат овој вид на превоз во критичните денови со високи нивоа на загаденост на воздухот над дозволените, информираат од Општина Битола.

Доколку превозниците прифатат да не наплаќаат возни билети од патниците на градските линии во критичните денови со високи нивоа на загаден воздух, Општина Битола изразува подготвеност да го субвенционира нивниот дневен промет во тие денови, во висина на просечниот дневен промет остварен од продажба на возни билети на тие линии во последните 30 дена, сметано од денот на донесувањето на мерката врз основа дневните финасиски извештаи.

По добивањето на изјаснувањата од превозниците, доколку истите ја прифатат иницијативата, градоначалничката на Битола веднаш ќе побара од Советот на Општина Битола да донесе соодветна одлука за предложената мерка.

Ова е една од мерките кои што ги презема Општина Битола, по иницијатива на градоначалничката, со цел да се обезбеди поголема заштита на здравјето на граѓаните во периоди на високо ниво на загаденост на воздухот.

М.М.