Гостивар повторно ги доби надлежностите за образованието

242

Општината Гостивар и градоначалникот Арбен Таравари повторно ги добија надлежностите за разрешување и назначување на директори во училиштата.

Раководителката на општинскиот сектор за образование, на прес конференција Аслијан Снопче истакна дека биле направени многу нерегуларности во овој период од девет месеци додека надлежностите ги имало Министерството, низ училиштата.

-Во сите училишта работат наставници вработени без претходна согласност од градоначалникот. Има настваници кои не се пријавени во Агенцијата за вработување, Фондот за пензиско осигурување. Има директори кои спротивно на надлежностите вработувале несоодветни наставници и преземале мерки спротивни на закон за основно и средно образование-рече раководителката.

Новинарите ја прашаа раководителката дали тоа значи дека ќе се отпочнат процедури за разрешување на директори во училиштата, на што таа рече дека повеќе информации ќе се знаат во наредниот период.

Министерот за образование Арбер Адеми, кој беше присутен на прослава во Тетово го повика градоначалникот на координативна средба истакнувајќи надеж дека по враќањето на ингеренциите нема да има проблеми.

-Пред девет месеци кога се донесе такво решение, беше неопходно поради нерегуларности на локалните власти. Посакувам дека градоначалникот ќе ги почитува сите законски прописи и ќе го даде својот придонес за подигнување на квалитетот во образованието – изјави Арбер Адеми, министер за образование.

Во февруари, Министерството за образование му ги одзеде надлежностите за именување и разрешување на директори во училиштата на градоначалникот Таравари, со образложение дека правел прекршувања на правилата и процедурите.