Голем број пократки улици во Тетово со години стојат руинирани

455

Големи дупки, фрлени отпадоци, кал кога е дождливо и слично е состојбата во која се наоѓаат поголем број улици кои се помали по должина. Такви улици има дури и во строгиот центар како на пример улицата „Димо Гавровски Кара“ која води од клиничката болница до зградата на општина Тетово, во комплексот згради Чешел веднаш до плоштадот, улички позади комплексот Стара пожарна до главната сообраќајница Илирија, поранешна Маршал Тито. Такви се и улиците во стариот дел од градот како главната делница-Гоце Делчев и споредните каде старата калдрма е оштетена.

-Улицата „Димо Гавровски Кара“ е делница која се користи за да се стигне до болницата и општината, но само парцијално се крпи со бекатон коцки кои се ставаат во дупките. Треба квалитетно да се реконструира, се испокршија колите на луѓето, вели жител на оваа улица.

Претставниците на тетовската локална самоуправа велат дека Општината и секторот за комунални дејности градежните работи на улиците ги правата според план и приоритет. Тие посочуваат дека се работи на поголеми проекти, додека помалите улици се во план за во иднина.

-Интензивно се работеше на улица Мурат Бафтијари која е исклучително важна за градот. Комплетирано е асфалтирање на новиот мост во близина на полицијата. Работната група ги има во предвид и споменатите помали улици кои се надеваме дека во наредните месеци ќе се реализира-изјави Арменд Фазлиу од Општина Тетово.

По завршување на зимскиот период, оштетувања се јавија и на поголемите сообраќајници и булевари. Меѓу нив се булеварот „Видео Смилевски-Бато“, познат како Индустриска, делови од булеварите Благоја Тоска и Илинденска.