Врнежите не ја подобрија штедроста на изворот Студенчица

164
Фото: Зоран Антоски

Иако вработените од ЈПВ „Студенчица“ очекуваа тридневните обилни врнежи од дожд да ја подобрат штедроста на изворот Студенчица, тоа сепак, не се случи, што го потврдуваат и измерените количества на изворот во текот на вчерашниот и денешниот ден.

– Нашите очекувања беа дека последните врнежи од дожд ќе се одразат и врз штедроста на изворот Студенчица и колку-толку ќе се ублажат состојбите во наредниот период, кога се очекува подолготрајна суша и забрзано намалување на штедроста на изворот. Дека во количеството на вода од изворот нема пораст потврдуваат и овие бројки, па така, денес се измерени 850 литри вода во секунда, од кои 170 литри добиваат ТЕЦ „Осломеј“ и околните села, кон Прилеп и останатите општини се упатуваат 430 литри, 110 литри преку централата се испуштаат во реката за хидробиолошки минимум и Кичево добива 180 литри. За споредба со претходните две години, во овој период лани, на 10 август, на изворот се измерени само 735 литри, додека во 2018 година штедроста на изворот била многу поголема и изнесувала 1.400 литри. Недоволниот одраз на последните врнежи врз изворот Студенчица, се должи пред се на ниската содржина на влага и во подлабоките слоеви на земјата, што придонесе со овие дождови само да се засити почвата – вели Гоце Наќески од ЈПВ „Студенчица“. З.А.