Во струшката болница од морбили се заболени 16 отсто од персоналот

77

Заменик министерот за здравство, д-р Асим Муса денеска пред Општата болница во Струга даде изјава за медиуми, по вчерашната информација дека хируршкото одделение е затворено, поради заболување на 50 отсто од медицинскиот персонал од морбили (мали сипаници).

-Од 56 здравствени работници кои се вработени во ова одделение, во моментов девет се заболени од морбили, додека пак пет здравствени работници имаат прележано и се на своето работно место. Не е точна бројката од 50отсто, туку се заболени 16отсто од вработените- изјави заменик министерот Муса.

Во Општата болница, 70 отсто од вработените се вакцинирани. Оние кои не се вакцинирани ќе бидат вакцинирани во најкраток период со МРП вакцина.

Хируршкото одделение ќе биде затворено една недела, а пациентите и понатаму ќе ја имаат потребната неопходна здравствена заштита. Тие ќе бидат испраќани во Охрид и Битола.

Од почетокот на епидемијата до сега, во Центрите за јавно здравје, дополнително се вакцинирани вкупно 1.780 лица, од нив повеќе од 65 отсто се здравствени работници, студенти и ученици во средните медицински училишта, останатите се контакти и лица над 14 годишна возраст.

Вкупниот број на вакцинирани лица на возраст до 14 години со МРП вакцина од почетокот на епидемијата во целата република изнесува 25.808.

Вакцинацијата е единствената мерка за спречување на ширење на епидемијата од морбили и подигнување на колективниот имунитет.