Во Прилеп се гради центар за чување податоци од национален интерес

429

Информацискиот центар ќе овозможи зачувување податоци за целосно обновување во случај на катастрофа, како и за развивање политики и планови со кои ќе се поддржи обновувањето на системот во случај на губење податоци поради природна или катастрофа предизвикана од човечки фактор

Во Прилеп започна да се гради информатички центар за обновување по катастрофи и обезбедување континуитет во работата. Центарот се гради со европски пари обезбедени од ИПА-компонентата – национална програма. Европската Унија го поддржува Министерството за внатрешни работи во воспоставувањето на информатичкиот центар, како основа за идниот шенгенски информациски систем на земјата-корисник.
Овој информациски центар ќе овозможи зачувување на информациите и континуитет во работењето во случај на недостапност на системот или на губење податоци поради природна или катастрофа предизвикана од човечки фактор. Проектот опфаќа изградба на нова зграда на информатичкиот центар, изградба на простории за контрола и на сѐ придружно што следува. Проектот треба да биде завршен за една година, а неговата вредност е 141.680 евра.

Премиерот Зоран Заев, кој присуствуваше на почетокот на изградбата на центарот, посочи дека зачувувањето на податоците на едно место е многу значајно, особено за податоците од национален интерес.
– Овој центар е прв од ваков вид во регионот и ќе гарантира за работата на информатичкиот систем во државата. Договорот за имплементација на проектот беше потпишан минатата година, во декември. Најголемиот дел средства се обезбедени од ИПА, а дел од 150 илјади евра е од МВР, кое ќе биде корисник на објектот. Република Македонија ги следи светските трендови во ИТ-технологијата. Обезбедуваме функционални институции – рече премиерот Заев.
Евроамбасадорот Самуел Жбогар истакна дека центарот има двојна улога – соодветно чување на податоците и капацитет за нивно обновување.

– Податоците можат да се изгубат, да бидат хакирани, да има вирус. Сето тоа може да резултира со прекин на работата. Затоа ЕУ одлучи да му помогне на МВР за изградба на овој информатички центар. Ова е прва фаза. Во втората фаза ќе се обезбеди опремата. Со тоа ќе се намалат последиците од губење на податоците. Изградбата на центарот не е само за МВР туку и за другите институции – објасни Жбогар.
Информацискиот центар ќе овозможи зачувување податоци за целосно обновување во случај на катастрофа, како и развивање политики и планови со кои ќе се поддржи обновувањето на системот, а тие опфаќаат и изјава за политика на работа за планирање вонредни состојби, спроведување анализа за влијанието врз работата, идентификување превентивни контроли, изработка на стратегии за вонредни состојби, изработка на план за информациски систем во вонредни состојби.