Во Охрид се отстрануваат палмите поради забелешките на УНЕСКО

169

Во Охрид денес започна отстранувањето на  сите палми кои беа засадени на различни локации покрај Охридското езеро. 

Во Охрид беа посадени 250 палми, но многу од нив пресушија и не ги издржаа временските прилики.

-Во согласност со препораката под реден број 19, која беше нотирана од страна на Комитетот за светско наследство на УНЕСКО, Градоначалникот на Општина Охрид Константин Георгиески денеска издаде работен налог до ЈП „Охридски Комуналец” за отстранување на палмите од потегот на кејот Македонија и на потегот од каналот Студенчишта до поранешен хотел Парк- се вели во соопштението од општината.

Градоначалникот на Охрид, Константин Георгиески денес по барање на медиумите даде официјална изјава во врска со забелешките што се наведени во Извештајот на УНЕСКО, кој треба да биде разгледан на 43-та сесија на Комитетот за светско наследство што ќе се одржи наредниот месец во Баку.

-Долгогодишното катастрофално управување со Охрид на сите нивоа резултираше со сегашната состојба. Несоодветните законски решенија кои се подготвувани ад хок за задоволување на одредени политички и финансиски моќници како и нефункционалните институции се „рак-рана” не само на Охрид, туку и на нашата државата во целина. Сега нам ни останува заеднички со посветена работа да ја запреме понатамошната деградација и девастација на Охрид и да поправиме дел од штетите кои што се направени во минатото- рече градоначалникот Георгиевски.