Во Куманово во учебната 2018/2019 година запишани 1159 првачиња

608

Според податоците од Инспекторатот за образование при општината Куманово во оваа учебна година се запишани 1159 првачиња, која што бројка е речиси идентична во однос на бројката од минатата учебна година.

Во однос на минатата учебна година, кога во шеснаесет општински основни училишта биле запишани 1160 првачиња, бројот на запишаните првачиња во оваа учебна година речиси и да не бележи тренд на опаѓање или поточно овогодишната бројка од 1159 запишани првачиња, е помала само за еден ученик.

Најмногу првачиња оваа учебна година се запишани во ООУ „Браќа Миладиновци“ (150), а најмалку во ООУ „Вук Караџиќ“ и во ОУ „Вера Которка“ во селото Клечовце, каде што оваа учебна година се запишани само по 10 првачиња.

Од вкупниот број на 1159 запишани првачиња настава на македонски јазик ќе посетуваат вкупно 729 првачиња, додека пак останатите 430 превачиња ќе посетуваат настава на албански јазик.

Што се однесува пак до бројот на запишаните ученици во првата година во средните училишта во Куманово, во новата учебна 2018/2019 година се запишале вкупно 1256 ученика, за разлика од минатата учебна година, кога биле запишани вкупно 1270 ученика, што значи дека оваа учебна година во однос на мината учебна година бележи пад за само 14 ученика.

Оваа учебна година најмногу ученици во првата година во средните училишта во Куманово се запишале во ОСУ „Наце Буѓони“ (508), а најмалку во земјоделското ОСУ „Киро Бурназ“ каде што се запишале вкупно 131 ученик.

Т.Д.