Во кичевско се реконструира локалниот пат Осломеј – Туин

272

За да се олесни движењето на моторните возила и други превозни средства, да се зголеми пропусната моќ и безбедноста во сообраќајот, во Општина Кичево се реконструираат повеќе локални патишта.

Така со средства на Јавното претпријатие за државни патишта деновиве се рекоструира патот од село Осломеј до село Туин во должина од 6 километри, пат кој беше многу оштетен и бараше ургентна санација.

-Со средства од Јавното претпријатие за државни патишта на Р.М. во наредните триесетина дена целосно ќе биде реконструиран патот од село Осломеј до село Туин во должина од 6 километри. Со овој зафат од сегашните три метри, коловозот ќе се прошири на 6 метри, што ќе овозможи патот да има поголема пропустна моќ, а сообраќајот да се одвива многу побезбедно. Инаку овој пат под забот на времето на многу места беше оштетен, а и ширината на коловозната лента беше недоволна за нормално одвивање на сообраќајот. Покрај самиот пат ќе бидат изградени и одводи а на дел од патот ќе биде ставено и јавно осветлување, во оние делници каде што патот поминува низ населени места – истакна Бурим Кадриу, задолжен за финансирање и буџет во Општина Кичево.

З.А.