Во Кичево со часови чекаат ред за да платат сметки

234
фото: Зоран Антоски

По престанокот со уплата на сметки на шалтерите на АД Македонски пошти, граѓаните за да платат сметки со часови се приморани да чекаат пред банките во Кичево. Сликата е идентична од понеделник до петок, кога тротоарите на централните улици во градот се претворени во чекалници под ведро небо.

Десетици луѓе од сите возрасти трпеливо чекаат и очекуваат што поскоро да почнат со работа поштенските шалтери, за да се намалат гужвите пред банките, и според најавите тоа треба да се случи на почетокот на март, кога 300 поштенски шалтери ќе им стојат на располагање на граѓаните, по што ќе се релаксира работата и скрати чекањето. Инаку чекањето најтешко им паѓа на постарите лица, пензионерите и хронично болните, на кои напорно им е стоење со часови на поларниот студ.

– Повеќе од 3 часа чекаме пред банка за да дојдеме на ред, да платиме струја и комунална сметка и да завршиме работа. Конечно дочекавме да дојдеме на ред, а со овој проблем се соочуваме секој месец, но сега и студот е наш голем непријател. До кога ќе трае оваа наша голгота не знаеме, но често ни доаѓа во мислите да престанеме да плаќаме сметки, се додека не се нормализираат состојбите и да заврши ова наше мачење. Сметаме дека треба за многу пократок период да завршиме работа, како што тоа и доликува на веропска земја во 21 век – вели пензионерот Славе Делевски, кој заедно со свои постари познаници, речиси половина ден го помина пред една од банките.

Сепак одредена вина имаат и граѓаните, бидејќи можат дел од уплатите да ги извршат електронски, а пензионерите не мора пензиите да ги подигаат на шалтерите, имајќи можност да плаќаат безготовински со картичка, каде ќе се трансферира и нивната пензија. Електронското банкарство во земјава се уште е далеку од реалноста за многу граѓани, дури и за помладите.

З.А.