Во Битола одбележан Светскиот ден на дијабетесот

77

Во Битола се одбележа Светскиот ден за борба против дијабетес, со едукативен настан на тема „Подигнување на свеста за лицата со дијабетес 1“, кој го организираа наставници од основното училиште „Св.Климент Охридски“.

Јавна поддршка на основците и наставниците даде градоначалникот на Битола Наташа Петровска, според која вклучувањето на образовните институции за вакви настани е исклучително важно.

– Дијабетесот е состојба, нешто со кое што треба да се бориме доколку го имаме како појава во организмот, а не како нешто што претставува опасност за околината. Севкупно гледано, ова е јакнење на свеста и кај младата популација и кај целокупното општество за тоа како треба да се поставуваме, но и да се однесуваме кон пречките на животот, меѓу другото и со дијабетесот – посочи Петровска.

За раното соочување со дијабетесот кај децата, и се пониската возрасна граница на која се појавува, како и за стигматизацијата на лицата со дијабетес од страна на општеството, на едукативниот настан во Битола говореше Мирјана Младеновска, специјалист-интернист дијабетолог.