Владика Јосиф – Газдите да го почитуваат правото на верниците на неработен ден

609

Митрополитот тетовско-гостиварски г.Јосиф од централното празнување на Успението на Пресвета Богородица во неговата епархија, во тетовски Лешок по празничната проповед упати апел сопственици на фирми да го почитуваат правото на верниците на неработен ден определен од државните институции.

На ваков апел се одлучил поради случката од изутринава уште пред да почне со литургија кога сретнал вернички кои брзале да ја посетат црквата, па да одат на работа.

-Станав малку порано да прошетам по дворот на манастирот и забележав петнасетина жени кои побараа порано да се отвори црквата. Тоа и го направивме, да направат почит и чест кон Богородица-рече владиката.

Митрополитот им порача сопственици и директори на фирми да им овоможат да работници верници да го искористат правото на неработен ден и да не им забрануваат да дојдат во црква.

-Бев вчудоневиден зошто толку рано дошле да направат чест на Богомајката, кога една од жените кажа дека денеска е на работа во една конфекциска фирма овдека во Тетово. Бидејќи денеска е неработен ден, црквата празнува. Бев вчудоневиден кога дознав дека и газдата, директорот е православен. И уште толку се растажив. Знаете кај Албанците итекако си ги почитуваат празниците и нема да работат на ваков тежок празник. Како владика ми е должност да кажам, бидејќи сепак се нарушени тие верски права на нашите вернички денеска. Би сакал да пратам една љубовна порака до тие газди, директори на фирми , совет, да внимаваат бидејќи нема благослов од таа работа, да се работи на вакви тешки празници. Би ги запрашал дали тие воопшто имале мајка, дали нивната мајка им всадила некакви чувства на љубов, на емоции. И на крај дали биле на погребот на сопствената мајка, па да им забранат да дојдат на нашите вернички овде во храмот да го празнуваат Успението,упокојувањето на Богородица. Нека Бог по молитвите на пресвета Богородица нè помилува сите ни дава разум, љубов и вера – рече владиката Јосиф.

Празнувањето денес започна со Света архиерејската литургија од 8 часот и 15 минути во црквата Свети Атанасиј во истоимениот манастирски комплекс во тетовски Лешок. Верниците масовно го посетуваат манастирскиот комплекс, а воочи денот се организира народен собир.