Велигденски хепенинг во ОУ„К.Ј.Питу“ Кичево

181
Фото: Зоран Антоски

Во холот на основното училиште „К.Ј.Питу“ Кичево, се одржа деветтиот Велигденски хепенинг, во кој беа вклучени учениците од прво до девето одделение и наставници. За потребите на хепенингот учениците подготвија изработки што го симболизираа големиот верски празник Велигден, а од страна на родителите беа изработени торти, колачи, разни декорации, мафини и друго кои заедно со изработките на учениците беа понудени на продажба.

Од досегашните осум хепенинзи, за потребите на училиштето обезбедени се поголем број помагала како креденчиња, разглас, печатач.

-Во нашето училиште денес по деветти пат се одржа Велигденскиот хепенинг. За потребите на денешниот хепенинг учениците од прво до девето одделение подготвија разни изработки што го симболизира претстојниот верски празник Велигден. Учениците од пониските одделенија работеа со своите учители, додека оние од повисоките одделнија подготвија изработки покрај со одделенските раководители и со наставниците по ликовно и техничко образование. Покрај изработките на учениците, во продажба беа понудени и разни прехрамбени продукти изработени од родителите на учениците, како торти, колачи, мафини и други изработки, како и многу атрактивното сликање на камен-вели Анета Божиноска, директорка на ова училиште која додаде, дека од годинешниот хепенинг, во договор со Советот на родители, се очекува да биде набавена уште една паметна табла, што ќе ја олесни и осовремени наставата за над 700 ученици во ова градско училиште.

Зоран Антоски