Василица помасовно пречекана од Нова година во Кичево

120

Традицијата со палење оган на отворен простор да се пречека Старата нова година, во Кичево продолжи и годинава. Тоа е причината за палењето на огнови во сите градски населби, покрај кои локалните жители со топла ракија, домашни колбаси, расолче, слатки и со песна и игра ја испраќаат старата и ја пречекуваат Новата година, според јулијанскиот календар. Дури, во повеќе населби секоја година се бира василичарски кум, кој во наредната година е должен да ги обезбеди сите намирници неопходни за овој пречек.

– Во нашата населба повеќе од три децении се бира василичарски кум, а кумството го преземаат лицата кај кои се паѓа паричката од питата. И следната година избраниот кум е задолжен целосно да ги преземе обврските за пречек, од подготовка на топла ракија, питулици, домашни колбаси, зимски салати, десерт и се што е неопходно за оваа прилика. Инаку, ова ми е вторпат да бидам василичарски кум, што ми причинува особена чест и задоволство – вели Горан Велјаноски, годинешен кум во една од кичевските населби.

Присутните  крај многуте огнови во градот ги посетуваат и музичките оркестри, кои со својата музика уште повеќе го подигаат амбиентот и се дополнителна причина покрај запалените огнови да се развијат ора и пеат песни, а премрзнатите музичари покрај топлата ракија добиваат и по некоја паричка, во зависност од дарежливоста на присутните. Оваа вечер граѓаните како да не го чувствуваат студот. Можеби за тоа придонесува и топлата ракија која се потроши во изобилство. Василичарски огнови ќе блеснат и во повеќето македонски села во Кичевско, каде што на сличен начин ќе се пречека Старата нова година.

– Во нашиот регион традицијата на пречек на Старата нова година живее и ќе продолжи да живее. Глетката е преубава кога на едно место можат да се видат сите генерации. Се чини како огнот да не сплотува, а тоа е причина плус ова одбележување никогаш да не престане – вели Сашо, еден од неколкуте илјади граѓани покрај огновите во Кичево и кичевијата. Во некои населби луѓе преправени во мечкари и други животни беа присутни покрај василичарскиот оган.