Блокирана сметката на ОУ „К.Ј.Питу“- Кичево

256
Фото: Зоран Антоски

Основното училиште ОУ „Кузман Јосифоски- Питу“- Кичево и оваа учебна година ја започна со блокирана сметка, без спортска сала и училишна ограда. Па така и годинава учениците ќе вежбаат во училница и на отворено, а училиштето и понатаму ќе биде без потребната ограда, која со години ја очекуваат над 700 ученици од ова училиште.

Новоименуваната директорка Анета Божиноска, се надева дека, барем годинава, училиштето ќе добие ограда, со што ќе се промени досегашниот надворешен изглед на училиштето.

-Новата училишна зграда е пуштетна во работа пред 11 години и за жал се уште училиштето е без ограда, што не е својствено за една образовна установа. Годинава,  во рамките на нашите можности, ќе се обидеме да ја промениме состојбата, ќе побараме донатори , спонзори и нешто средства од општината , кои ќе помогнат да се изгради неопходната училишна ограда. Што се однесува до спортската сала, таа и годинава, но и во догледно време, нема да се изгради, бидејќи самиот објект чини многу пари и ние не сме во можност да ги обезбедиме овие средства. Сметката на училиштето и понатаму е блокирана, но ќе се обидеме со домаќинско работење тој износ што повеќе да го намалиме. Што се однесува до првачињата ние годинава запишавме 87 првачиња, што незнатно отстапува од повеќегодишниот просек- истакна директорката Божиноска.

Зоран Антоски Кичево