Благодарници на крводарителите од Кичево за нивните јубилеи

174

Општинската организација на Црвениот крст Кичево, со мала свеченост денес го одбележа Денот на Црвениот крст на Македонија. На одбележувањето присутните најпрво ги поздрави Емин Зејно, претседател на ОО на Црвениот крст Кичево. Тој им се заблагодари на крводарителите за нивната хуманост и јубилеи.

– Со денешната свеченост го одбележуваме Денот на Црвениот крст на Македонија. На доброволните дарители на крв од нашата општина, им благодарам што со дарувањето на дел од својата драгоцена течност спасуваат нечиј живот. Очекуваме од вас и понатаму да продолжите да дарувате крв и да помогнете да се спасат уште многу човечки животи – рече претседателот Зејно.

Потоа на сите крводарители кои дарувале крв 5, 10, 25, и 50 пати, им беа доделени благодарници и значки а меѓу крводарителите беше и Драги Јаковлески, кој дури 62 пати ја подал својата рака за да дарува дел од драгоцената течност.

– Уште од средно училиште почнав да дарувам крв, потоа и во армија, а тоа го правам и денес. Единствено направив пауза пред неколку години, кога имав една операција, а до денес не сум прекинал со дарување на крв. Се додека ме служи здравјето ќе даруам крв, а во неколку наврати имам дарувано крв и на повик на болен човек , што уште повеќе ме мотивира да продолжам со хуманата мисија. По моите стапки тргна и мојот син кој веќе во 22 наврати даруваше крв – рече Јаковлевски.