Би прифатиле и укинување на социјалната помош, само за да останат на улица

172

Од година во година бројот на уличните питачи во Кичево е во постојан пораст. Ги има од сите возрасти, од најмали деца до средовечни и постари лица. Секојдневната слика на градските улици е многу непријатна за месното население и секако за лицата кои во овие летни месеци го посетуваат градот. Во повеќе наврати полицијата им укажуваше на овие лица да се повлечат од улица, но тие не сакаат да ги прифатат нивните сугестии.

Од Меѓуопштинскиот центар за социјална работа во повеќе наврати беа остварени средби со уличните питачи, а исто така тие се повикувани и во работните простории, за да им се даде до знаење дека не им е местото на улица.

-Свесни сме за состојбата со уличните питачи присутни во нашиот град. Овие лица во повеќе наврати повикувани се во нашите простории, укажано им е дека ако продолжат со питачењето ќе им биде укината социјалната помош, која најголемиот дел од овие лица редовно ја примаат. Нивниот одговор е малку зачудувачки бидејќи нѝ велат, дека побргу би се откажале од социјалната помош, отколку од уличното питачење. Веројатно приходите што ги остваруваат од питачењето се повисоки од социјалната помош, што ја добиваат оваа група на граѓани и затоа ги одбиваат нашите предлози -истакна Дашмир Лимани, директор на Меѓуопштинскиот центар за социјални работи во Кичево.

Тој вели дека проблемот во добар дел би се решил ако во градот или во соседството има прифатен центар каде би се сместиле овие лица.

-Нашиот град како и повеќето градови во внатрешноста нема прифатен центар каде би ги сместиле овие лица и во добра мерка би го решиле проблемот со нив. Дополнителен проблем нѝ претставува и секојдневното транспортирање на уличните питачи од други градови, на кои добро им е позната дарежливоста на нашите гастарбајтери и затоа тие секојдневно со комбиња и други превозни средства доаѓаат во нашиот град, за да ја подобрат дневната заработка. Исто така има еден дел на улични питачи, кои престојуваат на повеќе локации во градот а се по потекло од други градови, каде од улично питачење не можат да заработат толку, колку што тоа го можат во нашиот град – додава Лимани.

Тој предлага во блиска иднина вакви прифатни центри да се изградат и во други градови надвор од Скопје, за состојбата со уличните питачи конечно да се разреши.

Инаку, сопствениците на локалите и нивните гости не можат да седат на раат бидејќи помладите улични питачи ги посетуваат терасите од сите локали и трпеливо одат од маса на маса како би добиле некој денар од дарежливите гости. Дури некогаш посетата на локалите станува непријатна, кога во повеќе наврати питачите со подадена рака или празна кутија трпеливо стојат крај гостите и не заминуваат сѐ додека не добијат некој денар, а на апелите на сопствениците да го напуштат локалот редовно се оглушуваат.

З.А.