Битола добива нов симбол на кружниот тек кај „Дулието“

79

Трудот со шифра СХАРП на авторите Дејан Томски и Мила Ролиќ е избран од петте труда што пристигнаа на распишаниот конкурс за избор на решение за редизајнирање на кружниот тек на влезот за Битола на тема „Круг на јарболите“.
– Идејата на авторот – инвентивноста на овој труд, соодветствува на целокупниот амбиент со силен уметнички израз – заклучи жирито.

Жирито заклучи дека сите пет труда ги задоволија условите пропишани во конкурсот. Градоначалничката на општината Битола, Наташа Петровска, како распишувач на конкурсот, деновиве ќе организира изложба на конкурсните трудови во просториите на општината Битола, на која ќе биде доделена наградата од 60.000 денари за првонаградениот труд, а другите кандидати што конкурираа на конкурсот ќе добијат по 6.000 денари.

Инаку, сегашниот симбол што е поставен во кружниот тек кај „Дулието“ не ги задоволува вкусовите на новата локална самоуправа, која неодамна порача ново архитектонско решение за тој влез во градот, кое треба да ја претстави Битола како конзулски град.