Битола го празнува патронот на заштитникот на градот Св. Нектариј Битолски

119
фото В.М.Мл.

Битола денеска со одржување свечена литургија и литија низ градот го празнува патронот на градот Св. Нектариј Битолски.

Свеченостите во чест на заштитникот на Битола почнаа синоќа со одржување на занаетчиската манифестација „Битолски еснафи”.
Потоа во Народниот театар се одржа свечена културно уметничка програма, на која на самиот почеток на верниците и присутните им се обрати градоначалничката на Битола, Наташа Петровска.

-Ближен не се станува со зборови, ближен се станува со искрена насмевка, ближен се станува тогаш кога без умисла подавате рака, ближен се станува тогаш кога неповратно давате помош. А токму тоа најмногу ни недостига во нашето општество во денешницата. Катадневно сме сведоци дека ни смета раската во очите на другиот, а не ја забележуваме гредата во нашите очи. Токму тоа треба да го промениме. Ако порано се пукаше со куршуми, денес сме сведоци и слушаме зборови полни со омраза, кои што се сѐ, само не човечки. Тоа нешто, дали ќе го промениме или не, зависи само од нас. Просто не сакам да верувам дека постојат луѓе кои веруваат дека нечија несреќа би можела да донесе друга среќа. Ако сакаме да гледаме со надеж, ако сакаме да гледаме да биде поинаку, тогаш мора да тргнеме од себеси, да побараме извориште на љубов внатре во себеси и да ја извадиме љубовта од себе си и кога гледаме дека некој ја дарува, да ја гледаме како вредност. Само така можеме да имаме надеж за нашата утрешнина – рече градоначалничката Петровска.

За значењето на Светецот, кој ја чува Битола, говореше и неговото Високо преосвештенство, митрополитот Преспанско-Пелагониски и администратор Австралиско-Новозеландски г. Петар.

-Возљубени во Господа, браќа и сестри, денес го славиме патронот на Битола, кого го одгледала Битола, како што е опеано во неговиот тропар. Уште од многу млад се огледал кон Господа, се подвизувал најпрво во манастирот Свети Врачи кај Битола, заедно со својот замонашен татко Пахомиј, а потоа и на Света Гора. Во вечното Христово Царство заминал на 18 декември, денот кога и го славиме како наш заштитник – посочи митрополитот г. Петар.

Во рамките на културно-уметничката програма настапија три црковни хорови, машкиот хор „Св. Ахил Преспански” од Ресен, женскиот хор „Св. Злата Мегленска” и машкиот црковен хор „Св. Нектариј Битолски”.

М.М.