Бигорски во септември со конак за гости

5054
Манастирскиот конак ќе располага со седумдесетина легла

Дебар

Главната прослава посветена на големиот јубилеј, илјада столетија од основањето на Бигорски манастир, ќе се одржи на 18 октомври годинава. Игуменот на манастирот, архимандрит Партениј, и монасите веќе неколку месеци максимално се ангажирани во најдобро светло да го одбележат овој значаен јубилеј за македонскиот православен народ, за Македонската православна црква – Охридска архиепископија и за целото православие. Веќе една година градежниците со несмалено темпо работат на изградбата на манастирскиот конак за гости. На просторот од десната страна на влезот во комплексот на бигорскиот манастир „Свети Јован Крстител“ се издигаат гостинските манастирски конаци. Се работи на поставување на електро, водоводна и канализациска мрежа, а потоа ќе се дотера фасадата, ќе се уреди паркинг-плацот и ќе остане уште опремувањето на одаите со мебел. Архитектурата на гостинскиот конак, односно градбата, е со дрво и камен во стилот на старата мијачка архитектура, која целосно се вклопува во комплексот на Бигорскиот манастир.

Манастирскиот гостински конак ќе располага со седумдесетина легла, чардаци и други заеднички простории наменети за гостите. Како што нѐ информира јеромонахот Доситеј, конакот ќе почне да ги прима гостите најдоцна во септември. Осветувањето ќе се изврши на главната прослава истовремено со новите монашки ќелии во манастирот „Св. Георгиј Победоносец“ во дебарското село Рајчица. Носител на изградбата на конакот е скопската фирма „Агноандика“, заедно со изведувачот „Рединг“ ДООЕЛ Скопје. Проектот е на проектантската фирма „Виадукт“, исто така, од Скопје.

При нашата посета на Бигорскиот манастир забележавме голема градежна активност. Интензивно се работеше на реконструкција на пристапниот пат од регионалниот пат Маврови Анови – Дебар до Бигорскиот манастир. Според проектната документација, се врши проширување на пристапниот пат и на паркингот пред влезот во манастирот. За да се стабилизираат косините се поставија потпорни ѕидови од ѕидан камен, зајакнати со арматурна мрежа, фундирани на армирано-бетонски темел. За да се изврши проширување на дел од пристапниот пат се интервенира со изградба на платформи, стабилизирани со потпорни конструкции. Техничкото решение предвидува проширување на постојниот пат на шест метри, а на делот на проширувањето со платформи патот ќе биде со ширина од 5,5 метри. Со реконструкцијата ќе се изгребе постојниот асфалт и ќе бидат поставени два слоја нов. Вкупната инвестиција изнесува околу 20 милиони денари, а проектот е донација на „Геодизајн инженеринг“ ДОО Скопје.