Библиотеката и музејот ги отворија вратите за посетителите

25
Библиотеката и музејот ќе работат во една смена од 8 до 16 часот

Велес

Локалната библиотека „Гоце Делчев“ и Народниот музеј – Велес повторно ги отворија вратите за корисниците и посетителите и од понеделникот граѓаните можат да ги посетуваат, применувајќи ги мерките за заштита. Библиотеката и музејот ќе работат во една смена од 8 до 16 часот. За време на деновите на викендот, локалната библиотека нема да работи.
– Во согласност со мерките и препораките на Владата, по предлог-заклучоците од Комисијата за заразни болести при Министерството за здравство, беше донесена одлука за почнување со работа на библиотеките, музите, галериите и изложбените простории со задолжително почитување на протоколот за работа на истите. Според протоколот за работа на библиотеките, читалниците нема да работат до добивањето на новите упатства.

Вратените книги посебно ќе се одвојуваат и во следните 72 часа нема да бидат достапни за издавање. Библиотеката нема да го евидентира пропишаниот рок на враќање на позајмените книги во периодот кога не работеше со корисници. На корисниците нема да им биде овозможено слободно пребарување на библиотечниот фонд. Работа со корисниците опфаќа враќање и позајмување книги, обновување на членството и запишување нови корисници – појаснуваат од локалната самоуправа на Општина Велес.
Оттаму велат дека функционирањето на музејот, како што е наведено во протоколот за работа на музеите, дозволува на 100 квадратни метри површина посета до 15 посетители, а во спомен-куќите на велешките великани, во зависност од квадратурата, истовремено може да им биде дозволен влез на пет до шест посетители по група, по што преостанатите групи би ротирале.