Аутизмот треба да се открие навреме

326

Раното откривање на аутизмот и навремениот третман се многу важни за понатамошниот тек на животот на децата, бидејќи се помага да се стекнат со одредени социјални вештини и самостојност. Родителите треба да се консултираат со лекар ако забележат дека детето не се смее и не покажува реакции на среќа до шестиот месец истакнаа денеска од асоцијацијата „Ластовица“ кои заедно со ООУ „Климент Охридски“ и општината Прилеп го претставија проектот „Попреченоста е прашање на перцепција“.

– Подигнувањето на свесноста за аутизмот, свесноста за попреченоста се многу важни. Се смета дека од 12 до 15 илјади на ниво на Македонија има заболени од аутизам. Сега има бројка на дијагностицирани деца, но оние кои се пораснати сеуште не ги знаеме. Проблем е големиот број на нови случаи. Тенденцијата е да ја прифатиме различноста, состојбата е долготрајна и доживотна и да научиме да живееме со тоа – вели Светлана Миоковиќ Томеска од невладината организација „Ластовица“.

Процесот на социјализација на лицата со аутизам не е лесен, затоа е потребна поддршка од пошироката заедница, бидејќи аутизмот е невроразвојно нарушување кое значајно влијае врз способноста на комуникација и социјална интеракција.

Денеска од Прилеп се испрати порака дека е потребна поголема грижа од надлежните, повисока свест од општеството, подобри услови во градинките и училиштата за децата со аутизам, а по повод Светскиот ден на аутизмот.

Ка.М.