Асфалт за регионалниот пат Гермијан-Бач

98

Во Новаци продолжуваат инфраструктурните активности, и покрај пандемијата со ковид-19. Деновиве во тек е реконструкција на регионалниот пат Бач-Гермијан-Меџитлија во должина од четири километри. Вредноста на оваа капитална инвестиција е 11 милиони денари, а средставата се обезбедени од Владата преку Јавното претпријатие за државни патишта.

Реконструкцијата се состои од надградба на коловоз во деловите од регионалниот пат кој е најоштетен. Со оглед на временските услови со реконструкцијата ќе се продолжи и во наредниот период до целосна рехабилитација.

Градоначалникот на општина Новаци, Љубе Кузманоски, при увидот во градежните работи на овој фрекфрентен пат, истакна дека со овој градежен зафат се решава деценискиот проблем на граѓаните од неколку населени места, кои го користат овој пат на територија на општина Новаци.

– Благодарение на Владата на Република Северна Македонија и Јавното претпријатие за државни патишта, со заеднички заложби, успеавме да го решиме најголемиот проблем на граѓаните од неколку населени места од општина Новаци кои го користат овој пат. Дадениот збор пред граѓаните сега веќе е реалност. Наша обврска и цел е да ги решаваме  децениските проблеми на граѓаните кои се наталожени години наназад. Овој пат беше во многу лоша состојба и со децении беше заборавен од претходните власти. Сега со оваа рехабилитација се решава едно од најзначајните инфраструктурни прашања со што обезбедуваме квалитетна сообраќајна безбедност и поврзаност. Се надевам дека граѓаните од селата Брод, Скочивир, Добровени, Живојно, Бач и Гермијан после овој инфраструктурен зафат ќе бидат задоволни и ќе ги поздрават политиките и заложбите на локалната самоуправа во решавањето на нивните барања и проблеми, вели градоначалникот на Новаци – Љубе Кузманоски. М.М.