фото: Фејсбук

Бугарија ја потврдува својата позиција кон евроинтеграцијата на Македонија и новата Влада ќе мора да ја спроведе. Давањето согласност за почеток на преговорите за членство во ЕУ на Македонија не треба да биде врзано со рокови, туку со реални резултати, вклучително и во однос на правата на македонските Бугари. Ова го изјави денеска бугарскиот претседател Румен Радев по состанокот на Советодавното тело за национална безбедност.

Темата на состанокот беше „Улогата на Република Бугарија во проширувањето на ЕУ и во процесот на стабилизација и асоцијација: Република Северна Македонија и Албанија“. Тој по состанокот изјави дека Бугарија никогаш не го негирала правото на самопределување на на граѓаните на Северна Македонија врз основа на својата самосвест и јазик во согласност со Уставот.

– Бугарија ја одржува целосната рамноправност на македонските Бугари со останатите народи во РСМ. Политиката на дискриминација на македонските Бугари, 120.000 луѓе, неодамна ескалира. Правата на македонските Бугари се клучна точка во копенхашките критериуми за членство во ЕУ и за нив не може да се преговара – изјавил Радев, пренесува бугарската новинска агенција БГНЕС.

Тој додава дека е потребна сеопфатна и интензивна акција за да се врати довербата и да се засили соработката. Според него од особена важност се проектите за обезбедување транспортна и дигитална инфраструктура со акцент на Коридорот 8.

Овој состанок доаѓа на само една недела пред најавената посета на бугарскиот премиер Кирил Петков на Скопје. Повод за посетата на Петков на Македонија е и 30-годишнината од признавањето на независната македонска држава од страна на Бугарија.