Фото: Влада

Бугарскиот претседател Румен Радев побара јасни гаранции од Македонија за почитување на правата на Бугарите во државата. Тој бара пред почетокот на преговорите на земјава со ЕУ да има јасни гаранции за заштита на бугарското културно и историско наследство во земјава.

Радев, како што јави дописникот на МИА од Софија, ова го кажал на средбата со претставници на здруженијата на Бугарите од Македонија, при што додал дека „Бугарија високо ги вреднува врските со Северна Македонија и со нејзините сонародници во неа“.

– Пред да се отвори вратата за преговори, треба да се види јасен и одржлив процес на искоренување на јазикот на омразата. Бугарија сериозно ги сфаќа проблемите на македонските Бугари и високо го цени нивното мислење како побрзо Северна Македонија да го постигне членството во ЕУ – рече тој.

Според него, тргањето на страна на политичките проблеми, порано или подоцна ќе доведе до блокирање на процесот на европска интеграција на земјава, нешто, што според него, Бугарија категорично не го сака.

– Јас барам да има јасни гарации и одржлив процес на европската интеграција на Република Северна Македонија. Бугарија е земјата којашто сака тоа да се случи најмногу – рече Радев.

Тој додава дека впишувањето на македонските Бугари во Уставот Македонија, освен што ќе доведе до гарантирање на нивните права, треба да биде и задолжителен услов за давање согласност од страна на Бугарија за почеток на преговорите.
Според него, тоа во никој случај не е мешање од страна на Бугарија во внатрешните работи на Македонија, туку, вели тој, повеќе „загриженост и поддршка за нејзиниот одржлив пат кон членството во ЕУ“.