Протоколот усогласен помеѓу министерствата за надворешни работи на Македонија и Бугарија, да не се потпишува, бидејќи е контроверзен и и овозможува на Бугарија директно да се меша во внатрешните работи на Македонија, посебно во идентитетските, историските и образовните прашања – преку соопштение порача лидерот на Демократскиот сојуз, Павле Трајанов.

– Протоколот треба што поскоро да се објави за да можат граѓаните и експертите да го разгледаат. Воедно укажуваме дека за пакетот во кој се содржани повеќе предлог документи, преговарачката рамка, заклучоците на Советот на ЕУ, Акционен план, годишни прегледи и протокол, треба да мине низ широка расправа, за да се слушне гласот на народот. Во текот на оваа расправа, министрите да се воздржат од закани со кривичен прогон на тие што имаат поинакви ставови, потоа со меѓуетнички тензии и сл – стои во соопштението.

Договорената стратегија за широки консултации треба да се одвива во демократска атмосфера, одговорно и транспарентно, додава Трајанов во писменото соопштение.