фотографии: Марин Матев

Учесниците на протестот „Ултиматум не, благодарам“ кој се одржува шести ден против францускиот предлог пристигнаа пред Собранието. Засега протестот се одвива мирно, а  собраниската зграда е обебзедена од полициски кордон.

Протестниот марш почна пред владината зграда и продолжи кон Министерството за правда, каде дел од граѓаните симболично положија бели ружи  пред полицајците кои ја обезбедуваат зградата.

Како и во изминатите денови од протестот учесниците бараат оставки и отфрлање на предлогот и се пеат патриотски песни.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски пред стартот на протестот порача дека нема да наседнуваат на провокациии, истакнувајќи дека силата е во масовноста, а не во насилството.

По пристигнувањето на предлог преговарачката рамка во Собранието Мицкоски порача дека Владата  „се плаши самата да донесе одлука и тежиштето го префрла во Парламентот, нагласувајќи дека ВМРО ДПМНЕ нема да поддржи какви било уставни измени.

За време на вчерашниот протест против францускиот предлог беа повредени тројца полициски службеници, а приведени пет лица. Јавното обвинителство вечерва соопшти дека е предложен притвор за три лица осомничени за инциденти за време на протестите во Скопје.