Фото: Игор Бансколиев

Аплицирав затоа што од суштинско значење е македонските студии/македонистиката да бидат препознаени (признати) како „дисциплина“ во време кога македонскиот идентитет (јазик, историја и култура) е загрозен поради негирањето на неговото постоење, вели Пејоска-Бушро

Македонистиката и официјално е препознаена како ретка дисциплина од страна на француското Министерство за високо образование и истражување.

По одлука на научна комисија, македонистиката е вклучена во француско-германскиот проект за мапирање ретки дисциплини во Франција и во Германија. Иницијативата за вклучување на македонистиката во овој значаен проект ја покрена проф. д-р Фроса Пејоска-Бушро од Институтот за ориентални јазици и култури во Париз (ИНАЛКО).

– Француско-германскиот проект има за цел да ги мапира (картографира) ретките дисциплини (во сите области на науката) во Германија и Франција и потоа да го прошири проектот во сите европски земји. Аплицирав затоа што од суштинско значење е македонските студии/македонистиката да бидат препознаени (признати) како „дисциплина“ во време кога македонскиот идентитет (јазик, историја и култура) е загрозен поради негирањето на неговото постоење. Затоа, мојата прва цел беше признавањето на македонистиката како посебна дисциплина. Ознаката „дисциплина“ овде го гарантира постоењето на научно ниво. Мојата втора цел беше да покажам дека интересот за македонистиката е намален од ненаучни причини. „Ретка“ значи дека има настава, дипломи, и истражување на оваа дисциплина, но тоа е ограничено во број на ученици, во број на истражувачи и на места на изучување – објаснува професорката Пејоска – Бушро.

На ИНАЛКО македонскиот јазик се изучува како главен предмет – три години додипломска настава, две години на вториот циклус студии, како и на школата за докторски студии.

– Во Франција, ИНАЛКО е единствената високообразовна институција каде што македонистиката се изучува во целосна обука од лиценцата (Licence) до докторатот. Благодарение на мојата научна работа за македонскиот јазик, литература и цивилизација и мојата посветеност на неговата промоција, во 2015 година беше создадена професорска катедра за македонски студии. Франција е единствената земја во светот што има професорска катедра по македонистика, надвор од Македонија. Во моето застапување покажав дека на меѓународно ниво овој интерес постои, но дека со текот на времето се намалува. Намален е бројот на универзитети каде што се изучува македонистиката (намален е бројот на ученици), се намалуваат истражувачките центри и истражувачите што работат на македонистиката – вели проф. д-р Пејоска – Бушро.

Професорката, за да ја добие оваа „битка“, како аргументи ги има принесено историските факти кои македонистиката ја имаа ставено на маргините, а кои генерално не се од научна природа, туку од политичка.

– Во мојот аргументар покажав како интересот за македонистиката, кој беше многу важен во 19 век, опаѓа од причини кои не беа научни туку политички (Турската Империја, балканските војни, светските војни, доцно стандардизирање на македонскиот јазик, и тоа што е клучно, судирот меѓу Тито и Сталин во 1948 година). Овој интерес се префрли на бугарскиот јазик или „бугарско-македонски“ јазик – терминологија која почнува да се појавува тогаш. Бугарија беше во источниот блок, додека Македонија беше интегрирана во федерацијата Југославија. Македонија ги претрпе последиците од поделбата Тито-Сталин, додека Бугарија имаше корист од овој раскол – вели Пејоска – Бушро.

Со ваквото признавање на македонистиката, македонскиот јазик и култура ќе имаат шанса да се шират полесно низ светот и да се препознаваат како уникатни.

– Мојата трета цел беше да ја добијам ознаката „ретка дициплина“ која гарантира: признавање, заштита, можно проширување на студиите, со помош на финансирања, и зачувување на македонистиката во ИНАЛКО со неможност да се спои со други студии, особено со бугарските. Зачувувањето и ревитализацијата на македонистиката ќе придонесе за етничката, јазичната и културната различност, што е основата на човештвото. Старословенскиот, кој најпрво е старомакедонскиот јазик, кој е на самиот почеток на словенската писменост и христијанизацијата на Словените на нивниот јазик (старословенскиот јазик e осветен како четврти свет јазик до латинскиот, грчкиот и еврејскиот), не е суштински само за истражувањата на славистиката, туку тој е и извонреден придонес на Македонија во универзалната култура – додава Пејоска – Бушро.

Лекторатот по македонски јазик во Париз работи од 1973 година.