Фото: Кабинет на Претседателот

Претседателот на државата Стево Пендаровски денеска го прими Амир Дестанов, ученик во ООУ „Браќа Рамиз и Хамид“ во Шуто Оризари, кој на натпреварот по математика „Кенгур 2022“ освои трето место и е вклучен во активностите на Дневниот центар за деца на улица.

– Претседателот Пендаровски беше запознат со исклучително тешкото детство на Амир и со суровите услови на живот кои ги искусил од најмала возраст. Импресиониран од успесите и посветеноста на Амир, претседателот Пендаровски му го честиташе третото место на математичкиот натпревар, му посака светла иднина и безгрижни тинејџерски денови и го охрабри да продолжи со посветеноста во образовниот процес, како би ги постигнал своите цели за подобра иднина – информира Кабинетот на Пендаровски.

На средбата присуствуваа и наставничката по математика на Амир и претставници на дневниот центар, со кои, како што се посочува во соопштението, се разговараше за постигнатиот успех на осмоодделенецот, како и за предизвиците и условите за работа на Дневниот центар за деца на улица.