Фотографија од првото издание на Правописот од приватната библиотека на семејството Кардула

Македонскиот правопис е донесен на 7 јуни 1945 со решение на Министерството за просвета потпишано од тогашниот министер Никола Минчев

„Македонскиот правопис, предложен од комисијата за јазик и правопис при Министерството на народната просвета, се приема како официален правопис. Истиот ќе се отпечати во засебни книшки, како издање на Министерството за народната просвета“, се вели во членот 1 од Решението за правописот на македонскиот јазик од 7 јуни 1945 година, потпишано од тогашниот министер за просвета Никола Минчев.

Македонскиот правопис е донесен на 7 јуни 1945 со решение на Министерството за просвета потпишано од тогашниот министер Никола Минчев.

Во работа од нецела година и на три комисии, азбуката и правописот ги донела Третата јазична комисија во состав: Венко Марковски, Васил Иљоски, М. Павловски, Блаже Конески, Крум Тошев, Иван Мазов, Г. Влахов, Владо Малески, К. Х. Василев, И. Топаловски. На 3 мај 1945, дефинитивно ја утврдила македонската азбука, која ги содржи следните 31 буква: А, Б, В, Г, Д, Ѓ, Е, Ж, З, Ѕ, И, Ј, К, Л, Љ, М, Н, Њ, О, П, Р, С, Т, Ќ, У, Ф, Х, Ц, Ч, Џ, Ш. Истиот ден, Владата донела решение со кое била озаконета азбуката, кое било објавено во весникот „Нова Македонија“ во празничниот број од 5, 6 и 7 мај 1945 година. Оваа комисија, со исклучок на Мазов, на 2 јуни 1945 го утврдила и нацртот за македонскиот правопис, за кој на 7 јуни 1945 е донесена Резолуција од Владата со што македонскиот правопис станал официјален.

Усвоениот елаборат бил објавен во посебна книшка, а веќе следниот ден по усвојувањето на правописот, Конески го објавува написот „За македонскиот литературен јазик“ во кој се презентирани ставовите за македонската азбука и правопис, а Влахов ја објавува статијата „Слободна Македонија во Федеративна Југославија ‒ крај на меѓусебните борби на балканските народи“.

Првите измени и дополнувања на Правописот се направени две години подоцна.

Некои измени и дополнувања на Правописот биле направени од Комисијата за преразгледување на прашањата во врска со македонскиот правопис во состав: д-р Михаил Петрушевски, Блаже Конески и Крум Тошев, назначена на 20 ноември 1947. Од овие промени, најважна била промената на наставката -уе во -ува. Предлогот бил прифатен на собир на македонските писатели, новинари, филолози и други културни работници на 6 април 1948 и објавен во проширеното издание на Македонскиот правопис со правописен речник на Конески и Тошев, објавено во 1950.

Фото: МИА / Архива

Денеска се одбележуваат 77 години од усвојувањето на македонскиот правопис.

Инаку, Блаже Конески како основоположник и кодификатор на современиот македонски јазик на идните генерации остави трајна порака да го зачуваме, негуваме и унапредување македонскиот јазик зашто е еден од најважните столбови на нашиот идентитет.