Фото: Собрание

Претседателот на Собранието, Талат Џафери денеска ја претстави новата модерна конференциска опрема во пленарната сала, што од утре ќе биде ставена во функција.
Џафери информира дека салата е комплетно обновена, а како што беше и пред пандемијата со ковид-19, во салата од утре ќе можат да присуствуваат и медиумите без ограничувања, според претходно воспоставените правила.

– Таа јавна набавка е направена минатата година. Извршени се сите тестирања, сите работи функционираат како што треба и од утре се враќаме во новата сала – рече Џафери, додавајќи дека на пратениците им била овозможена обука за користење на опремата.

Фото: Собрание

Претседателот на Собранието смета дека со новата опрема ќе се придонесе за заштеда на хартија, имајќи предвид дека системот овозможува сите материјали што се прикачуваат на е-парламент да можат да директно се пребараат во системот.

Монтажата на новата опрема е спроведена во декември 2021 година, а наменската доработка и адаптација на салата во периодот од јануари до април 2022 година. Производител на опремата е германската компанија „Брелер ИЦС Конефернцтехник“, а вредноста на инвестицијата е 520.000 евра. Ваква опрема се користи во Светскиот конференциски центар во Бон, во Албанија, Швајцарија, Холандија…

Меѓу предностите на новата опрема се и целосно компјутеризираниот и дигитален принцип на функционирање, модернизација на работата и работење без хартија, прикажување на агендата на седница, кој е тековен говорник, кој е пријавен за збор, реплика, контрареплика, или процедурални забелешки, гласања по точките од дневниот ред, како и прилагодување на менито на јазикот на пратеникот.