Фото: ЦУК

Пожарот во охридско кој вчера попладне избувна лево од патот од Охрид кон Ресен е ставен под контрола, а директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов, се надева дека дождот кој започнал попладнево ќе ги изгасне пламените јазици.

Пожарот бил гаснет само со еден од хеликоптерите на полицијата. Вината за отсуството на второто летало, „ер тракторот“, во гаснењето тој ѝ ја префрла на компанијата која го сервисира авионот.

– Според директорот Максути другиот ер трактор треба да пристигне во секој момент. Проблемот не е во ДЗС, не е во нашата држава, туку проблемот е во фирмата која го сервисира овој авион и која според договорот има обврска истиот да го донесе до Скопје – вели Ангелов и уверува дека второто од двете летала ќе бидат за некој ден донесени по редовниот сервис.

Освен два полициски хеликоптери, земјава располага и со два армиски хеликоптери за гаснење пожари.

– Пожарот ќе биде изгаснат. Цело утро се водеше битка со огнот кој се ширеше во три правци. Едниот правец се доближи на околу 800 метри од селото. Но таму пожарот беше ставен под контрола. Првиот крак беше целосно изгаснат, третиот крак се спушти кон еден дол. Верувам дека дождот дека дождот целосно ќе го изгасне огнот, доколку не, поради висината на теренот, постои можност од употреба на летало – додава тој.

Ангелов уверува дека противпожарните капацитети во земјава се задоволителни. Од ЦУК апелираат на внимателност кај граѓаните, меѓу другото и да не се фрлаат отпушоци преку прозорец од возилата.

Пожарот во охридско беше единствениот активен пожар во земјава досега во текот на денешниот ден, јавија од ЦУК.

Центарот за управување со кризи (ЦУК) попладнево соопшти дека до овој момент активни пожари нема.

Пожарот во атарот на село Дебреште со кој беше зафатена површина од околу четири хектари сува трева е изгаснат во 16:45 часот. Според ЦУК, во гаснењето биле ангажирани шест пожарникари со едно противпожарно и едно теренско возило, четири вработени од ЕЛС Долнени, двајца полицајци од Полициската станица Ропотово и четири лица од месното население кои со два трактора вршеле заорување на земјиштето за да не се прошири пожарот кон околните куќи.

ЦУК информира дека се изгаснати уште шест други пожари меѓу кои и два во скопскиот регион.

-Пожарот што почна вчера во попладневните часови во Охрид меѓу селата Вапила и Расино до 14:50 часот е целосно изгаснат. Ликвидиран е во 16:45 часот и пожарот од 12:30 часот во местото Костурник, Табановце што зафати сува трева и багремов појас. Во гаснењето учествуваа едно возило возило и двајца пожарникари. Пожарот од 14:12 часот во село Дебреште каде гореше сува трева е изгаснат во 16:45 часот со едно возило и шест пожарникари, пожарот кај селото Фурка што зафати борова и ниско деградирана шума е изгаснат едно возило, тројца пожарникари и двајца вработени во ЈП НШ подружница Кожув, пожарот во Студеничани, село Пагаруша и во селото Орман, Ѓорче Петров – наведува ЦУК.