Фото: МНР

Министрите за надворешни работи на Македонија и на Јапонија, Бујар Османи и Јошимаса Хајаши денеска на средба во Токио потпишаа Договор за техничка соработка меѓу двете држави, со што се зајакнува можноста за имплементација на јапонската билатерална помош за земјава, но и збогатување на договорно правната рамка.

Како што соопшти МНР, Договорот преставува и основа за унапредување на билатералните односи во повеќе аспекти, пред сѐ во делот на економската соработка и бизнис врските.

Шефот на дипломатијата Османи упати благодарност за долгогодишната и континуирана јапонска помош преку бројни проекти, грантови и донации, што ја вбројува Јапонија меѓу најголемите донатори во земјава.

– Јапонската помош за Северна Македонија, кумулативно достигнува без малку половина милијарда долари. Многубројни проекти што се финансирани преку јапонската помош го поттикнуваат нашиот економски и социјален развој: од реконструкција на училишта, подобрување на условите во медицински установи, па сѐ до поддршка за малите и средни претпријатија, зачувување на животната средина – сѐ се тоа области во кои јапонската помош силно придонесува во развојот на земјата – истакна Османи.

За време на средбата, се разгледани и можностите за унапредување на економската соработка и бизнис врските, при што министерот Османи како особено значајна во овој дел ја оцени јапонската Иницијатива за соработка со земјите од Западен Балкан.

Османи информира и за одржаната презентацијата на поволностите што земјава ги нуди за странски инвеститори, во рамки на ЈЕТРО бизнис форумот, како и претстојното учество на Македонија на ОСАКА ЕКСПО 2025.

– За нас е особено значајно зајакнувањето на економската соработка и бизнис врските со Јапонија. Имав одлична можност да ја промовирам бизнис климата во Северна Македонија пред голем број јапонски компании од автомобилската индустрија, енергетиката, ИТ секторот и други полиња, кои покажаа интерес за инвестирање во земјава. Воедно, учеството на Северна Македонија на ОСАКА ЕКСПО 2025, ќе придонесе за зголемување на видливоста на нашата земја во Јапонија и ќе отвори можност за остварување на нови бизнис партнерства и за привлекување јапонски инвестиции – подвлече Османи.

На средбата, се наведува во соопштението од МНР, е упатена заедничка осуда на руската инвазија врз Украина, што првенствено ја нарушува европската безбедносна архитектура, но истовремено подеднакво влијае и врз азискиот континент, индо- пацифичкиот регион и врз целокупниот меѓународен поредок базиран на правила.

Министерот Османи меѓу другото се осврна на претстојните значајни јубилеи – 110-годишнината од раѓањето на Кензо Танге во 2023 година и 30-годишнината од воспоставувањето дипломатски односи во 2024 година, што претставуваат убава можност со пригодни заеднички настани да ги одбележиме досегашните достигнувања и успеси во билатералните односи меѓу двете земји.