Фото: Игор Бансколиев

Државната изборна комисија (ДИК) добила информации дека на повеќе избирачки места членовите на избирачките одбори на своја рака престанале да ги користат уредите за биометриска идентификација и гласањето го продолжиле со УВ-ламба и спреј.

Претседателот на ДИК, Александар Даштевски, вели дека иако засега информациите им се неофицијални, апелира да се продолжи со користење на уредите оти во спротивно гласањето може да биде поништено, а членовите на избирачките одбори кои го дозволуваат тоа казнети.

– Тоа се незаконски одлуки на тие лица, треба да продолжат да гласаат со апаратите. Во спротивно, поради измените, гласањето ќе биде поништено, а лицата санкционирани оти е без одлука на ДИК. За да не дојде до ова апелирам да се гласа со користење на уредите. ДИК има донесено решенија да се гласа со УВ ламба и спреј само на шест избирачки места, кои се главно планински со исклучок на Чаир и Ново Село, кои се пристапни. Не знаеме точно кои се местата на кои е дозволено вакво гласање, имама неколку во Скопје, во Кичево и други не знам. Затоа ги предупредувам сите на законската можност за поништување на гласањето – рече Даштевски.

Според податоците на ДИК во 98,97 отсто од избирачките места уредите работеле исправно и нема причина да се прекине употребата на биометриските уреди.

– Апелирам до крајот на гласањето да се употребуваат уредите посебно поради тоа што знаеме дека вообичаено пред крај на гласањето има тенденција за обиди за неправилности – предупреди Даштевски.

Има посебна процедура за пријава на неисправен уред на гласачките места која предвидува ИТ лицето да ја извести општинската изборна комисија, а таа да ја извести ДИК за да се донесе решение за гласање со УВ-ламба и спреј.

ДИК очекува за незаконското гласање да добие и писмено известување, оти засега информациите им биле само усно пријавени.