Управниот суд до денеска ги отфрли како неосновани сите 75 тужби поднесени од Алијанса за Албанците/Алтернатива, откако вчера одби половина. Засега отфрлена е и тужбата на политичката партија Интегра и на едно физичко лице.

– Управниот суд ја информира јавноста дека заклучно ден 22.7.2020 година, донесени се вкупно 77 одлуки од кои, 75 одлуки по тужби поднесени од тужителот Алијанса за Албанците и Алтернатива, една одлука по тужба поднесена од тужителот Интегра Македонска Конзервативна Партија како и една одлука по тужба поднесена од тужителот Живка Арсовска и по истите донесени се пресуди со кои тужбите на тужителите се одбиваат како неосновани и решенијата на Државната изборна комисија се потврдуваат – информираат од Управниот суд.

Одлуките се објавени на официјалната веб-страна на судот.

Во тек е одржување на јавни расправи по поднесени тужби од политичките партии Левица, Социјалдемократска Унија, МОРО – Работничка партија и Демократи, чии одлуки ќе бидат јавно соопштени по завршување на расправите во законски определените рокови.