Медицинарите предупредуваат дека од странство во Македонија би можеле да пристигнат и другите соеви на вирусот, особено оној од Африка. Поради ваквите опасности, наскоро земјата ќе започне со нов проект на граничните служби насловен „Ари коп“, кој ќе овозможи зголемена комуникација со полициите од аеродромите на тема поврзана токму со фалсификуваните ПЦР-тестови

НОВА ЗАКАНА ПО ЗДРАВЈЕТО НА ГРАЃАНИТЕ

Во услови кога бројките на новозаразени од ковид-19 повторно растат и кога стравувањата на граѓаните сѐ повеќе се зголемуваат, деновиве во јавноста се појавија информации за лажни ПЦР-тестови кај шестмина странци при влез во земјава на Меѓународниот аеродром во Скопје што доаѓале од Косово, Турција и од Казахстан.
Претходно, полициските службеници на граничниот премин кон Бугарија се посомневале во веродостојноста на документот за негативен ПЦР што го покажале пет лица, а откако утврдиле дека се работи за фалсификуван тест, тие биле приведени и против нив е поднесена кривична пријава за загрозување на јавното здравје и за фалсификување документ. Вакви примери има уште доста и од полицијата велат дека за секој случај се води истрагата за да се утврди како е направен фалсификатот и дали зад делото постои организирана структура.
Во меѓувреме, експертите од различни области со кои се консултиравме велат дека појавата на феноменот со фалсификуваните ПЦР-тестови е силен удар на криминалот насочен кон јавното здравје на нашите граѓани.
Во изјава за „Нова Македонија“, Владимир Пивоваров, националниот координатор за гранично управување, вели дека фалсификуваните ПЦР-тестови, освен што се криминално дејство, тие се и голем и сериозен здравствен несакан чин што има потенцијал да го наруши и онака кревкото здравје на луѓето во Македонија.

– Нашите институции се борат за справување со оваа здравствено-криминална закана. За жал, во периодот откога трае пандемијата, па досега ние имаме солидно искуство со лица што се обидуваат по секоја цена заболени да ги минат нашите граници. Кога зборуваме за аеродромите, полициските и гранични служби досега имале голем број случувања во кои дури и полни авиони се инфицираа со коронавирусот поради едно или две лица што неодговорно се однесуваа за заштита на своето и туѓото здравје – вели Пивоваров.
Тој најавува дека наскоро во земјата ќе се започне со нов проект на граничните служби насловен „Ари коп“, кој ќе овозможи зголемена комуникација со полициите од аеродромите и, меѓу другото, на тема поврзана со фалсификуваните ПЦР-тестови.
Пивоваров вели дека ако се анализираат актуелните состојби, сепак, најголем проблем со фалсификуваните здравствени исправи земјата има регистрирано на нашите источни граници.
Според него, случаите се интересни бидејќи нашите гранични служби разликувале два вида прекршоци со ПЦР-тестовите.
Имено, вели Пивоваров, при проверка на баркодовите на потврдите за негативен тест, некогаш станувало збор за лица што сакале да ги минат нашите граници со комплетно фалсификуван документ, а некогаш, пак, со оригинален документ што, пак, бил исполнет со невистинита содржина.
Тој резимира дека овие чинови се навистина сериозни и нашата држава сериозно им пристапува во процесот на намалување на нивното штетно здравствено дејство.
Микробиологот Никола Пановски вели дека овие фалсификувања на медицински потврди што добија динамика во последно време се сериозна закана по здравјето на луѓето во нашата земја.

– Ваквите приливи на инфекции од странство можат многу негативно да се одразат на медицинската слика на Македонија, особено во период кога сега пополека стивнува вирусот. Имено, со лажен или фалсификуван документ, нам од странство во Македонија би можеле да ни пристигнат и другите соеви на вирусот, особено оној од Африка. Па од тука дополнително, ваквите случувања ако се зголемат по број и динамика, би можеле дури и да ја натераат државата да воведе нови рестрикции – вели Пановски.
Тој истакнува дека државата со право ги зголемила контролите на границите, од несовесните странци, но и наши граѓани што се обидуваат да го „заобиколат“ системот и тие треба законски да бидат казнети.
Социологот Илија Ацевски вели дека овие случаи на криминал со фалсификувани документи се особено изразени во период на пандемијата што предизвика економски последици.

Според него, потребата за брза заработка ги потиснува етичките и моралните аспекти и го извлекува на површина егоизмот кај човекот да не внимава на здравјето на луѓето околу него.
– Ние сме во една состојба во која моралното во човековата природа е доведено во прашање, особено во ова време кога на секој начин се бара патот до брза заработка. Се добива впечаток дека луѓето се водат само од животински нагони, а не од цивилизациски. Тие гледаат како да се спасат себеси и не размислуваат за последиците врз околината – вели професорот.


Проблем и во странство

Феноменот со лажните тестови за утврдување на инфекцијата од ковид-19, освен во Македонија е проблем и во странство каде што исто така се фалсификуваат медицинските документи, а доказ за тоа се и информациите од меѓународните институции. Неодамна Интерпол информира дека биле запленети илјадници фалсификувани медицински производи, средства за дезинфекција и 17.000 лажни теста за ковид-19. Генералниот секретар на Интерпол, Јирген Сток, изјави дека додека земјите во светот продолжуваат со борбата против ковид-19, криминалните мрежи се обидуваат да профитираат од случувањата и дистрибуираат потенцијално здравствено опасни производи за луѓето.

[email protected]