Тридневна жалост прогласи Владата, поради несреќата што се случи околу 2 часот по полноќ на магистралниот пат „Струма“ во Бугарија, во која загинаа 45 лица од кои 12 малолетници.
– За денови на жалост се прогласени денешниот ден, утре и задутре, односно од 23 ноември заклучно со 25 ноември (вторник, среда и четврток), а за време на деновите на жалост знамето на државата, како и на дипломатските претставништва на земјата во странство, ќе биде истакнато на половина копје. Се одлагаат сите јавни настани, а медиумите треба да ги приспособат своите содржини соодветно на прогласената тридневна жалост – стои во соопштението на Владата.
Бугарската новинска агенција јави дека ден на жалост прогласила и општината Благоевград за загинатите во несреќата, но и за жртвите во пожарот, кој вчера се случи во старечкиот дом во селото Ројак.


АФП: Најтешка автобуска несреќа во Европа

Вчерашната автобуска несреќа во Бугарија, во која загинаа најмалку 46 лица, е најтешката автобуска несреќа во Европа во последната деценија. Вака АФП (Франс прес) ја коментира трагедијата што вчераутро се случи на територијата на Бугарија со автобус со македонски регистарски таблички.
Агенцијата потсетува и на најголемите автобуски трагедии на континентот во последните години.
Португалија: Дваесет и девет германски туристи загинаа кога нивниот автобус излетал од патот кон ресторан на планинскиот остров Мадеира, на 18 април 2019 година.
Русија: Автобус падна од мост во замрзната река во Сибир на 1 декември 2019, при што загинаа 19 лица.
Турција: Седумнаесет мигранти прошверцувани низ Турција загинаа, а 36 беа повредени кога нивниот автобус се запали откако удри во столб, на 29 март 2018 година, во близината на Карс на истокот од земјата.
Бугарија: Дваесет аџии загинаа откако нивниот автобус се преврте за време на силен дожд северно од Софија за време на патување во православен манастир на 25 август 2018 година.
Германија: Осумнаесет возрасни туристи од Саксонија загинаа кога нивниот туристички автобус се запали по судир со камион во Баварија, на 3 јули 2017 година.
Италија: Шеснаесет лица, главно унгарски тинејџери што се враќаа од скијање во Франција, загинаа на 21 јануари 2017, кога нивниот автобус се запали по несреќа во близината на северниот град Верона.
Русија: Шеснаесет лица загинаа кога воз удри во расипан автобус со претежно узбекистански патници на железнички премин источно од Москва на 6 октомври 2017 година.
Франција: Во најтешката француска сообраќајна несреќа во последните три децении, 43 лица загинаа кога автобус со пензионерски клуб се судри со камион и се запали во близината на Пузеген, во југозападниот дел на земјата, на 23 октомври 2015 година.


Бугарски експерти: Состојбата со патиштата во Бугарија не е задоволителна

Бугарски сообраќајни експерти како една од можните причини за несреќата на македонскиот автобус на автопатот Струма ја посочуваат и лошата состојба на патот.
Имено, според анализата на Диана Русинова од Европскиот центар за транспортни политики, задолжително треба да биде исконтролирана коловозната сигнализација и да се утврди дали таа го збунила возачот.
Таа додава дека знакот што го означувал островот, ако воопшто го имало, бил поставен високо и можно е да го збунил возачот, наместо да биде поставен ниско, да го предупреди на можната опасност долу на коловозот.
– Не сум сигурна дали знакот го имало и добро е да се направи проверка дали го има меѓу остатоците, бидејќи не се гледа – вели Русинова.
Бугарскиот сообраќаен експерт Димитар Илиев смета дека во тој дел патот е лошо нивелиран и проектиран, а Емил Марков од Институтот за патна безбедност дополнува дека на многу патишта низ Бугарија, како и на овој каде што се случи несреќата, недостига соодветна сообраќајна сигнализација.
Познавачите на патната инфраструктура во Бугарија ја истакнуваат и лошата состојба на самиот асфалт, на кој во врнежливо време често има остатоци од земја. Експертите уште предупредуваат дека површинскиот слој на асфалтот требало да биде променет многу одамна, бидејќи бил стар повеќе од 15 години, а сообраќајната практика предвидува тој да се менува на секои седум години, за да има добар контакт меѓу пневматиците на возилата и патот.


МНР: Отворена телефонска линија за информации за семејствата на загинатите патници

Министерството за надворешни работи отвори телефонска линија 075 273-732 за информации и консултации за семејствата на загинатите патници во автобуската несреќа во Бугарија.
Од Министерството велат дека веќе функционира кризен штаб во врска со несреќата, а двајца вработени се упатени во Амбасадата на Северна Македонија во Софија, со цел да помогнат околу сите процедури поврзани со трагичниот настан.
Роднини на дел од патниците вчераутро изјавија дека не можат да добијат никакви информации од превозникот „Беса транс“.


Се идентификуваат жртвите, списокот на патници испратен за Скопје

Списокот на патници од автобусот е испратен за Скопје и е започнат процесот на идентификација на жртвите, изјави директорот на бугарската Национална истражна служба, Борислав Сарафов, на заедничката прес-конференција со македонскиот јавен обвинител Љубомир Јовески.
На местото на несреќата се сослушуваат сведоци, додека само двајца од седумтемина повредени што се во болницата „Пирогов“ во Софија се во соодветна состојба и можат да дадат исказ.
– Одржавме заеднички работен состанок за разјаснување на сите линии на меѓународната правна соработка – добивање на сите потребни документи од македонска страна и добивање биолошки материјал за идентификација на жртвите – рече Сарафов.
Сарафов нагласи дека сите потребни документи обвинителството ќе ги испрати до институциите во Скопје.


„Беса транс“ имала активна лиценца за меѓународен превоз на патници

До Министерството за транспорт и врски, Сектор за патен сообраќај, поднесено е барање од страна на превозникот Беса транс БТБ од Скопје, ул. 1 бр. 1, Рашче, Скопје, евидентирано под број 08-4127/1 од 18.7.2018 година, за добивање лиценца за вршење меѓународен слободен превоз на патници, информираат од Министерството за транспорт и врски.
Кон барањето е доставена целокупната документација во согласност со членот 8 од Законот за превоз во патниот сообраќај, со што превозникот ги исполнил условите предвидени во Законот и му е издадена лиценца за вршење меѓународен слободен превоз на патници.
– Со барањето за добивање лиценца за вршење меѓународен слободен превоз на патници, превозникот ги исполнил условите за добивање лиценца и издадена му е лиценца за вршење меѓународен слободен превоз на патници со серискиот број 007017, со важност од 8.8.2018 година до 8.8.2022 година.
Од тој момент превозникот се нема обратено до Министерството за транспорт и врски, Сектор за патен сообраќај, со поднесено барање за добивање извод од лиценца за ново набавено возило – информираат од Министерството.
Оттаму истакнуваат дека очекуваат истрагата да ги покаже причините поради кои настана трагичната несреќа.


Јовески: Истрагата ќе ја води бугарското обвинителство

Документите се обезбедени и ќе им ги предадеме на колегите од бугарското јавно обвинителство, но се работи за многу документи и ќе треба време да се проучат фактите, изјави јавниот обвинител Љубомир Јовески, кој се наоѓа на местото на автобуската несреќа во Бугарија, близу Перник.
– Истрагата ќе ја спроведува бугарското обвинителство и нема да има паралелна истрага во Македонија. Македонското обвинителство ќе помогне со обезбедување на целокупната документација за сите автобуси од конвојот на „Беса транс“, кога се регистрирани и кога биле на технички преглед, како и со идентификација на жртвите. Станува збор за голема трагедија, ако се има предвид дека загинаа 12 деца. Заедно со колегите од Бугарија се договоривме за понатамошна соработка за расчистување на сите нејаснотии околу оваа трагедија. Ние подолги години со бугарското обвинителство имаме професионална соработка и веруваме дека ова обвинителство професионално ќе ги разјасни сите околности околу овој настан. Ние ќе дадеме секаква помош во однос на обезбедување документација и идентификација на загинатите – рече Јовески.
Од бугарското обвинителство рекоа дека во моментов продолжуваат увидот и распитите и не можат да кажат дали е техничка неисправност на автобусот или човечка грешка. Од преживеаните патници што се во болница, од бугарското обвинителство рекоа дека засега само двајца можат да дадат исказ, а се испитуваат и очевидците.
На местото на сообраќајката беше и обвинителката за организиран криминал и корупција Вилма Русковска, која кажа дека таму бил и сопственикот на „Беса транс“ и таа разговарала со него.
– Кратко разговарав со него. Дваесет години има транспортна фирма, досега немале никаков инцидент, според неговото кажување. Но како што веќе кажаа колегите, ќе ја обезбедиме комплетната документација за сите автобуси, кога се регистрирани и кога биле на технички преглед и ќе им ги испратиме на бугарските колеги. Ние обвинителите повеќе веруваме на документи отколку на искази – изјави Русковска.


Загинатите се од повеќе градови

Жртвите во стравотната автобуска несреќа во Бугарија, според првичните информации, се изгорени до непрепознатливост. Идентификацијата ќе се врши со ДНК-анализа. Истрагата ќе ја води бугарското обвинителство.
Патниците се враќале од Истанбул, каде што заминале на 18 ноември.
Премиерот Зоран Заев информира дека во несреќата загинале патници не само од Скопје туку од повеќе места.
– Сите се граѓани на Северна Македонија, од повеќе националности се, но има и еден граѓанин од Прешево, Србија, кој заедно со свршеницата од Куманово бил во Истанбул на прошетка – посочил Заев.