Фото: Маја Јаневска-Илиева

Од Државниот просветен инспекторат велат дека се регистрирани случаи да се има ИТ-опрема, но таа да не се користи. Но има и училишта во кои ги има сите потребни услови за онлајн часови, а учениците намерно не се поврзуваат на час. Такво е училиштето „Ибрахим Темо“ во Струга. Проблеми од технички аспект има и во училиштата во Арачиново, во Грушино, во Сарај …

Засилен надзор на просветните инспектори
за тоа како се одвива наставата

Оние ученици што живеат во рурални населени места на ридско-планински предели и кои мора да следат настава на далечина имаат реален проблем со поврзувањето на интернет-мрежата. За нивните проблеми локалните власти бараат решенија, а се бара решение и за оние ученици што немаат соодветни уреди за следење на часовите. Поради ваквите проблеми има прекини во наставата во одредени училишта, иако учебната година почна пред две недели. Овие недостатоци ги евидентирале на терен државните просветни инспектори што деновиве ги проверуваат работата на училиштата и функционирањето на онлајн наставата низ Македонија.
Во училиштето „Светозар Марковиќ“ во општината Старо Нагоричане учат 60 ученици, а вработените се надеваат дека нема да мора да се дојде до ситуација децата да мораат да учат на далечина, бидејќи за такво нешто нема услови.
– Ние се молиме да не се влоши ситуацијата со ширењето на ковид-19, или да не се зарази овде некое дете или вработен, па да треба од настава со физичко присуство да се префрлиме на онлајн учење. Тоа ќе биде лошо, бидејќи најголем дел ученици овде живеат во планински места и рурални средини и ќе имаат проблем со вклучување, бидејќи е слаба интернет-мрежата – вели директорката на училиштето.

Првиот човек на Државниот просветен инспекторат, Томе Спировски, вели дека имаат информации како се одвива наставата во сите училишта.
– Во неколку училишта има бојкот на наставата, како на пример во „Драга Стојановска“ во Сопиште. Настава нема и во Чифлик. Има училишта што, пак, немаат добар интернет зашто се во планина, а има и деца што немаат ИТ-уреди.
– Има и случаи да имаат ИТ-опрема, но таа да не се користи. Но има и училишта во кои ги има сите потребни услови за онлајн часови, а учениците намерно не се поврзуваат на час. Такво е училиштето „Ибрахим Темо“ во Струга. Проблеми од технички аспект има и во училиштата во Арачиново, во Грушино, во Сарај – информира директорот Спировски.
Во Министерството за образование и наука неодамна информираа дека 87 отсто од учениците ги следат часовите онлајн.
– Благодарение на воспоставениот начин на учење од далечина, наставата успешно се спроведува во време на пандемија. Околу 87 отсто од учениците ги следат часовите онлајн без тешкотии.

За преостанатиот дел, кои немаат уреди или интернет-врска, часовите се емитуваат на телевизија преку националната радио-телевизија, а наставниците имаат обврска да им доставуваат печатени материјали и да бидат во постојана комуникација со учениците за да го следат нивниот напредок во совладувањето на наставниот материјал. Министерството за образование и наука е во постојана комуникација со директорите на училиштата и локалните самоуправи и тековно се работи на обезбедување услови за непречено функционирање на онлајн наставата – соопштија оттаму.


Наученото ќе се оценува во училница на средби во четири очи

Ученците ќе се оценуваат во училница на средби со нивните наставници. Посетата на училиштето ќе се одвива по претходно утврдени протоколи. Како што информираат во Бирото за развој на образованието, ќе има консултативни средби или часови за следење на учениците во училиште, за да се поттикнат и за да им се провери постигнатото знаење.
– Оценувањето, поучувањето и учењето се меѓусебно поврзани компоненти на наставниот процес. Овие компоненти влијаат една врз друга и ако изоставиме една компонента, на пример оценувањето, тоа веќе не може да се каже дека е настава. При оценувањето, наставниците треба да ги следат принципите на формативното и сумативното оценување. Формативното оценување е за да се подобри учењето, се одвива постојано и значи да се следи напредокот во учењето на учениците во текот на наставата. Формативното оценување е составен дел на сите фази во наставата, почнувајќи од планирањето, па до рефлексијата на наставникот за успешноста на часот – вели Оливер Станојоски, советник во Бирото.