Психолозите велат дека ковид-19 некого ќе го погоди некого не, ама стресот од сета оваа пандемија ќе ги погоди сите, во различни форми и со различна јачина. Пандемијата не е само со вирусот, пандемијата е психолошка изложеност на долготраен стрес, што за многу луѓе ќе остави последици, бидејќи е толку долга, упорна и секојдневна. Тоа внатре во личноста не може да додржи и, како што се вели народски, некаде ќе пукне

Пандемијата на ковид-19, на која не ѝ се гледа крајот, секојдневно ги изложува луѓето на стрес, а тој е еднакво опасен за здравјето колку и заразата. Всушност, луѓето се во постојан стрес од сите оние информации што ги слушаат за заразени, за починати, има па нема вакцини, ќе нѐ вакцинираат, нема да нѐ вакцинираат, ќе има, па ќе нема последици од вакцините итн. Психолозите велат дека коронавирусот некого ќе го погоди некого не, ама стресот од сета оваа пандемија ќе ги погоди сите во различни форми и со различна јачина. Според нив, ниту една личност не е совршена, сите луѓе имаат по нешто слабо во себе. А ваков продолжителен стрес на долго време, бидејќи речиси цела година трае оваа пандемија, колку и да има компензаторни механизми, колку и да има одбранбени механизми, колку и да може да се совладува сето тоа, кај секого ќе открие некоја слабост во функционирањето и ќе ја нагласи. Тогаш велат дека сите проблеми ќе бидат посилни, ќе бидат поголеми, всушност ќе биде погоден животот на секоја личност во некој период. Кај оние што се поосетливи, кај нив ќе трае тоа подолго и ќе биде со поголеми последици, додека кај оние што се посилни личности, ќе трае пократко, додека најдат механизми да се справат со тоа. Важно, велат психолозите, сите ќе бидеме погодени.

– Пандемијата не е само со вирусот, пандемијата е психолошка изложеност на долготраен стрес, што за многу луѓе ќе остави последици, бидејќи е толку долга, упорна и секојдневна. Ние немаме пауза, немаме на пример една недела, ај сега имаме слободно да закрепнеме малку, па после пак. Не, секој ден, секое излегување маска, секое среќавање со човек дистанца, секое слушање вести, читање на интернет што било, информации, се разболеле, починале, карантин, ќе имаме вакцини, нема да имаме вакцини, ќе нѐ чипираат, нема да нѐ чипираат итн. Колку и да не сакаме и колку да не сме изложени и да ги селектираме вестите, болна е продолженоста на ова, бомбардирани сме со страшни информации, што во личноста, нормално во секоја личност, ќе доведе до презаситување, кое ќе се одрази на разни страни, во зависност од личноста како функционирала претходно. Грижата за менталното здравје, за тоа како се чувствуваме сега, треба да стане примарна во нашиот живот, бидејќи од тоа како ние се чувствуваме сега, многу зависи и нашето физичкото здравје – објаснува психолог Мирјана Јовановска Стојановска.
Таа советува секој да си најде начин, да побара совет за справување со стресот, да праша за совет. Можеби да проба да чита книга, да прочита на интернет, има написи за справување со анксиозност, начини да се справиш со стресот, има совети. Ама битно е секој да си го најде својот совет, она што нему му одговара на неговиот начин на живеење и функционирање.

Таа предлага редовно да се оди на планина, на кеј, во некое село или да прави склекови дома, секој тоа да си го приспособи на себе. Ако некој не може да слуша сериозна музика, да си најде што му одговара.
Лекарите интернисти, пак, велат дека хроничниот стрес може да ги засегне сите органски системи, но најизразени се промените на кардиоваскуларниот систем, при што се јавуваат забрзана срцева работа, покачен крвен притисок, забрзано стареење на крвните садови, атеросклероза, кои може да резултираат со срцев и мозочен удар.
– Стресот влијае на имунолошкиот систем, го слабее, се јавува склоност за акутни и хронични инфламаторни состојби, меѓу кои и малигни заболувања. Луѓето што страдаат од хроничен стрес, имаат главоболка, замор, лоша концентрација, лесно се иритираат, не спијат добро, имаат промени во апетитот. Хроничниот стрес ги старее побрзо луѓето и доколку е долготраен, последиците се иреверзибилни. Соодветното прифаќање и справување со стресот е првиот чекор да ги намалиме последиците. Тоа значи прифаќање на новонастанатата ситуација, но и задржување на добрите навики од минатото, доволно здрава и свежа храна, редовно вежбање на сончева светлина, одржување здрава ментална хигиена, релаксациски техники и одржување на социјалните контакти. Секако, и примена на суплементи и витамини, кои се докажани сојузници на нашиот имунитет – советува интернистката д-р Маја Шушлевска Павковска.

За оние што за време на пандемијава останаа без работа, ситуацијата не е само стрес, туку психолозите сметаат дека тие имаа состојба на животна криза. Губењето на работата, на некој близок во пандемијата, велат дека е траума.
– Животните кризи настануваат кога ќе се изгуби работата, нема од што да живеат луѓето, што да им дадат за јадење на децата, тоа е страшно. На тие стресни работи, за кои зборувавме претходно, доаѓаат и овие трауматски состојби, бидејќи добивањата отказ е траума. На скалата на стрес, на прво место е губење на некој близок, смрт на некого, а на второ се разводите и губењето на работата. Живееме во потрошувачко општество и основно што ни треба е да заработиме пари. Кога немаш пари, доаѓа до животна криза кога не може да се задоволат основните сопствени човечки потреби и потребите на семејството-појаснува психологот Мирјана Јовановска Стојановска.
Во вакви состојби луѓето имаат криза на идентитетот, криза на личноста, затоа што некои не можат да си купат ниту леб, а цените се една третина повисоки од пред пандемијата и постојано растат. Луѓето сега влегуваат од период на некој стрес, кој се претвори во долготраен стрес во период на животни кризи, на трауми, како губење на работата, губење на некој близок, многу луѓе изумреа во пандемијава. Станавме сомнителни кога меѓусебно разговараме, не си одиме дома едни кај други. Тоа внатре во личноста не може да додржи и, како што се вели народски, некаде ќе пукне.