Седницата на која требаше да се расправа по предлогот за именување на заменици-министри во Владата беше прекината бидејќи се чека извештај од Државната изборна комисија (ДИК) за верификација на пратенички мандат, откако на денешното заседание беше констатирана оставката на пратеникот Дамјан Манчевски.

Претседателот на Собранието, Талат Џафери, истакна дека со оглед на тоа што точката за верификација на мандатот нема материјали и тие се чекаат од ДИК, дневниот ред ќе биде усвоен на продолжението на оваа седница, за кое, како што посочи, пратениците ќе бидат дополнително известени.

Откако ДИК ќе испрати извештај за верификацијата на мандатот, предвидено е за него да ќе одлучува матичната Комисија за деловнички и мандатно-имунитетни прашања, по што ќе продолжи пленарната седница, на која во предложениот дневен ред прва точка е верификација на мандат на пратеник, а втора точка предлогот за именување на заменици-министри во Владата.

Претходно, Собранието ги констатира и оставките на Венко Стомнаровски од функцијата член на РСБПС, Софче Јовановска од функција член на Советот за статистика и на Марјана Кацарска од функцијата заменик на генералниот секретар на Парламентот. Беше констаторан и престанокот на мандатот на Ирена Шумковска од функцијата член на Државната комисија за жалби по јавни набавки.