Фото: Маја Јаневска-Илиева

Во пристапната беседа, епископот Партениј имаше емотивна порака во која посочи дека ја доверува и јавно ја исповеда својата неприкосновена предаденост кон неговиот македонски народ и кон неговата татковина Македонија и најмногу кон неговата МПЦ-ОА, мајката црква на сите православни во рамките на државата, на која, како монах, веќе 25 години безрезервно и сеоддајно ѝ служи

Со најдолг монашки стаж во поновата историја на Македонската православна црква-Охридска архиепископија, отецот Партениј вчера во црквата „Света Софија“ во Охрид и официјално доби архијерејски чин и стана четиринаесеттиот владика во Синодот на нашата црква. Тој отсега ќе ја има улогата на викарен епископ на дебарско-кичевската епархија, со титула епископ антаниски (според македонскиот антички град Антанија, кој бил епископско седиште) и ќе остане во Бигорскиот манастир, каде што ќе биде неговото епископско седиште.
Црковниот настан беше организиран според протоколите за заштита од ширење на коронавирусот. На влезот во црквата „Света Софија“ во Охрид на сите што беа поканети да присуствуваат на хиротонијата на отецот Партениј им се мереше температурата и им се делеа заштитни маски. Во црквата, освен црковните великодостојници, можеа да присуствуваат само ограничен број гости од државниот врв и од општествениот живот во државата. Присуствуваа министерката за одбрана Радмила Шеќеринска, министерот за здравство Венко Филипче и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицковски.
Во дворот на црквата „Света Софија“ имаше голем број верници, кои поради почитувањето на мерките ја следеа процесијата на три видеоекрани, од кои едниот беше поставен на влезот на „Св. Софија“, другиот на западниот трем кај амфитеатарот и третиот на плоштадот во Охрид, за подобро распоредување на граѓаните, за да се избегне формирањето поголема толпа.

Отец Партениј ги прими одеждата, жезолот и митрата од рацете на архиепископот г.г. Стефан, поглаварот на МПЦ, кој заедно со членовите на Синодот отслужи литургија за хиротонијата на новоизбраниот епископ.
Архиепископот г.г. Стефан му порача на епископот Партениј дека епископите, во црковната традиција, се наречени приемници на апостолите и продолжители на нивното дело, со што се истакнуваат важноста на службата и високата мисија на која се назначуваат оние што се удостоиле на тој чин.
– Ваквите совети нека ти бидат водилка и нека ти помагаат за да бидеш добар пастир, трудејќи се да имаш мир со сите и да имаш светост, без која никој нема да го види Господа. Како архијереј, викарен на дебарско-кичевскиот митрополит, и игумен на Бигорскиот манастир, во крај и меѓу народ од различни националности, култури, верски и други припаѓања, продолжи да негуваш добри односи со сите, труди се да покажеш дека црквата има обединувачка задача, дека сѐ и во сѐ е Христос и дека во него сите треба да сме едно – посочи архиепископот.
Според него, отецот Партениј во досегашниот 25-годишен монашки живот покажал и богољубие и родољубие, се стекнал со мудрост и искуство потребни за секој духовник и пастир.

– Твоето име ќе биде забележано меѓу оние што го продолжија и го помогнаа воскреснувањето на монаштвото во Македонија. По твојот пример тргнаа десетици и десетици монаси и монахињи, па, денес, покрај во Бигорскиот и во Рајчица, се црнеат монашки раси уште во неколку други наши манастири. Пригода е да го истакнеме и тоа дека под твое раководство воскресна и мијачката градителска мајсторија, а покрај неимарските убавини, Бог те дарувал и луѓето духовно да ги надградуваш и да ја градиш црквата во нивните души да придонесуваш во градбата на живата црква. За жал, како народ, држава и црква, сѐ уште сме пред портите на правдата, и за националната и за црковната македонска вистина. Но силно веруваме дека ќе истраеме и дека се ближи денот кога и последните неверни томи ќе ја разберат и ќе ја прифатат сета наша македонска вистина. Во таа борба за нашата вистина и правдина, повикани сме сите да учествуваме, и јерархијата, и монаштвото, и свештенството, и верниот народ и сите што оваа земја Македонија ја чувствуваат за своја татковина, а црквата Македонска и Охридска за своја духовна мајка – порача г.г. Стефан.
Отец Партениј во својата пристапна беседа имаше емотивна порака, во која посочи дека да се биде епископ, преемник на апостолската благодат, значи да се биде прв не во превласта, не во некакви привилегии, туку во одговорноста и во служењето на другите за добро.

На присутните им рече дека ја доверува и јавно ја исповеда својата неприкосновена предаденост кон неговиот македонски народ и кон неговата татковина Македонија и најмногу кон неговата МПЦ-ОА, мајката црква на сите православни во рамките на државата, на која, како монах, веќе 25 години безрезервно и сеоддајно ѝ служи.
– Не е можно кој избрал и се труди да живее за царството небесно да не ја сака и својата земска татковина, како и своите ближни, зашто тие се благословениот од Бога простор и опкружување, каде што Бог благововил да ги твориме делата на спасението. Впрочем, важно е сведоштвото на зборовите, но поважни се делата и жртвата. Па, така, ќе оставам сработеното досега, што, секако, е плод не на нашата праведност, ами на божјата благодат – самото да говори за нашата посветеност кон татковината и кон нашиот верен народ – посочи епископот Партениј.


Духовен стожер на монаштвото

Името на отецот Партениј повеќе години се наоѓаше на листата на кандидати за епископи на МПЦ-ОА, а пред петнаесетина години одбил да стане митрополит на повардарската епархија, со образложение дека не сака да ги напушти Бигорскиот манастир и мијачкиот крај. Станува владика во годината кога Бигорскиот манастир слави 1.000 години од неговото основање во 1020 година.
Отец Партениј Фидановски е роден на 29 октомври 1970 година во Битола, а уште од најрано детство бил задоен со силна љубов кон Бога. Неговото вистинско духовно созревање почнува во манастирот „Грегоријат“ на Света Гора, каде што престојува околу пет години. По враќањето, во 1995 година доаѓа во Бигорскиот манастир и повторно го заживува. Таму, отецот Партениј прима монашки чин, а истата година е ракоположен и за јероѓакон и јеромонах. Следната година е произведен за игумен, а во 1998 година е одликуван со архимандритски чин. Голем е бројот на оние луѓе што со негова помош се спасиле од разните пороци.
Тој е добитник и на највисоката почесна награда на Европската Унија – „европски граѓанин“, поради неговата хуманитарна дејност, работата со социјално ранливи категории, како и јакнењето на соживотот и меѓусебното почитување во земјата.

[email protected]