Последниот додаток на НАТО-пактот, повеќе отколку кој било друг, отвора прашања за тоа што всушност значи членството во Алијансата, се наведува во колумната на Леонид Бершидски објавена од Блумберг, по повод потпишувањето на протоколот за прием на Македонија во Северноатланскиот сојуз.

Претходните бранови на проширување на НАТО кон балтичките држави, а потоа и кон Балканот, имаа стратешки смисол за САД, се додека ја сметаат Русија за ривал. Првата тура на членки значително ја ограничи способноста на Русија да им се закани воено на западните држави. Сега кога договорот за нуклеарни ракети со среден дострел е мртов, источноевропските членки на НАТО ќе бидат особено важни. 

– За Балканот, пак, има поинаква логика. НАТО ја војуваше неговата прва војна во Југославија и има логика да го консолидира присуството со цел за спречување на појава на конфликт. Доколку Србија, со поддршка на Русија, би имала уште еден обид за доминација во регионот, членството на Хрватска би претставувало противтежа. Членството на Црна Гора е важно од истата причина, иако тоа беше диктирано од стравувањата за нејзино потпаѓање под руско влијание. Во случајот на Северна Македонија, не постои разумен степен на загриженост поради Русија, што би го оправдал приклучувањето. Русија се противеше на членството на Македонија во НАТО, но таму нема политички сили што се во полза на сојузништво со Русија – се наведува во колумната со наслов „На Трамп не му е потребна Северна Македонија во НАТО“.

Бершидски смета дека не постојат значителни аргументи во полза на пристапувањето на Македонија кон НАТО.

– Тешко е, ако не и невозможно, да се најдат аргументи за геостратешкото значење на членството на Македонија во НАТО. Оваа држава немаше значајна улога во балканскиот конфликт. Таа е мала, без излез на море и сиромашна со ресурси – објаснува колумнистот на Блумберг.

За САД кои претставуваат безбедносен чадор за државите во НАТО, Македонија претставува само уште една земја што бесплатно ќе ја искористи таквата погодност. Се проценува дека Македонија годинава ќе издвои 1,19 отсто од Бруто домашниот производ (БДП) за воени трошоци, приближно колку и Германија, која пак, Трамп постојано ја критикува поради пацифизам. Тоа отприлика претставуваат 153 милиони долари во 2019 година за македонската војска, од која што НАТО не добива ништо за возврат за приемот под неговиот чадор.

– САД треба да размислат што добиваат од сојузништвото со зголемениот број на мали држави што го користат НАТО како отскочна штица за прием во ЕУ. Тешко е да се замисли дека САД ќе успеат да ги наговорат европските партнери да издвојуваат по два отсто од БДП на трошоците за одбрана, ако НАТО прима членки што не го прават тоа – заклучува Бершидски.