За нас нема алтернатива освен она кое што го зборуваме цело време, а тоа е полноправно членство во рамките на Европската Унија, изјави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во однос на декларацијата која ја договорија српскиот претседател, македонскиот премиер и албанскиот премиер во Охрид.

-И во минатото кажавме, и сега ќе го повториме истиот став дека секоја можност која Македонија може да ја искористи а да се подобри квалитетот на животот на граѓаните, треба да се искористи, но тоа се решава со билатерални договори. Јас навистина немам информација какви се одлуките, што се разговара, што потпишува Зоран Заев иако морам да признам дека за време на нашата последна лидерска средба во кабинетот кај претседателот Пендаровски побарав објаснување. Тогаш добив објаснување од две реченици кое што буквално не беше ни на ниво на енциклопедиско објаснување а камо ли за некакви суштини. Така што од она што можеме да го слушнеме на нивните прес конференции и од она кое што циркулира во јавноста, не можам да извлечам точен заклучок за што точно се работи, ниту пак имам било каква информација, но ќе повторам, за Македонија не постои друга алтернатива освен полноправно членство во рамките на Европската Унија – рече Мицкоски.