Поранешниот генерален директорот за проширување во Европската Комисија, Пјер Мирел, во интервју со МИА изрази голема загриженост поради изјавите за поделба на Косово и предупредува дека такво сценарио носи безбедносни ризици за Македонија и за регионот, јави дописничката на МИА во Брисел.

Во интервјуто, поранешниот главен човек за Западниот Балкан вели дека е зачуден од млаката реакција на Европската Комисија по изјавите на Тачи и Вучиќ и смета дека Брисел треба да предупреди за ризиците кои ги носи можната поделба на Косово.

-Веднаш се помислува на Република Српска, но и албанската заедница во Македонија, па хрватските кантони во Босна кои би можеле да речат дека сакаат со Хрватска. Но, ова оди и подалеку: Унгарците во Словачка, можеме да замислиме дека и Русија во Транснистрија би го земале ова за пример, вели Мирел.

Мирел вели дека позициите за територијалниот интегритет на Косово се утврдени уште од преговорите во Рамбује, но не ја исклучува опцијата реториката да е “преговарачка тактика“ на српската страна да го притисне Косово за Заедницата на српски општини. Но, дека оваа е тактика не е добра и носи сама по себе ризици.

-Ако ова не е преговарачка тактика и ако е реална, а референдумот за името во Македонија не помине, апсолутно има ризик. Албанците во Македонија би можеле да си речат дека не им е место во таа земја. Во секој случај ќе се охрабри идејата за прецртување на границите, вели Мирел во интервјуто за МИА.

За Мирел оваа реторика е загрижувачка и поради тоа што отвора сомнеж дека принципите се сменети во Вашингтон и во Москва.

-Тачи вели “сакам само мала корекција“, нема мали корекции во оваа област, тоа е невозможно. Ако допрете еден елемент, сите други можат да следат. Така што ова е екстремно ризично. Она што уште повеќе ми пречи и ме плаши е претпоставката дека Вашингтон има слух за Србија, но и во Москва. Во Вашингтон со “големите мислители“ како Банон кои проповедаат екстремно десничарски ставови, знаете… а за Москва ова е благослов! Не е ова старата Русија од Рамбује и Контакт Групата, така што се плашам, се надевам дека грешам но се плашам дека идејата оди напред во САД и Русија, вели поранешниот генерален директор за МИА.