Фото: Игор Бансколиев

Дали годинешниот Светски ден на здравјето ја губи смислата и паѓа во сенка на последиците од пандемијата на ковид-19 или, обратно, токму на овој ден станува појасно колкава е, всушност, вредноста на здравјето над сѐ друго, но и на солидарноста, подадената рака, хуманоста, како општествени вредности. Како да се зачува здравјето во едно вакво нездраво време и нездрави околности

ПО ПОВОД 7 АПРИЛ, СВЕТСКИОТ ДЕН НА ЗДРАВЈЕТО

Македонија и светот го денеска одбележуваат Светскиот ден на здравјето, 7 Април, во исклучително тешки околности од секој аспект – здравствен, општествен, економски, социолошки итн. Во услови кога поради пандемијата на ковид-19 секојдневно се губат голем број животи, бројот на новозаразени забрзано се зголемува и воопшто не се гледа крајот на пандемијата, Светскиот ден на здравјето како да ја губи смислата и паѓа во сенка на опасноста од заразата. Или, обратно, токму на овој ден станува појасно колкава е вредноста на здравјето над сѐ друго.
Како да се зачува здравјето во нездраво време и нездрави околности.
На почеток сите честитки и благодарност заслужено треба да се упатат на адреса на медицинарите и здравствените работници, кои повеќе од една година, секојдневно, без одмор, се во првите борбени редови, ризикувајќи ги своите животи за да се грижат за другите, со што покажуваат врвни професионални и човечки карактеристики.
Во разговор со домашни експерти, медицински лица, социолози, универзитетски професори, политиколози и психолози, „Нова Македонија“ во својата анализа се обидува да ја отслика и дефинира состојбата во која се најде светот, токму по повод Светскиот ден на здравјето.

Имунизацијата на медицинарите силно оружје против вирусот

Микробиологот Никола Пановски за меѓународниот ден вели дека овој момент е многу битен да се искаже почит за сите оние во земјава што повеќе од една година макотрпно се борат со пандемијата.
– На медицинските лица во земјава треба да им се искаже почит, за жртвите што ги даваат секојдневно. Односно без ниту еден ден од одмор тие се борат со ризиците од пандемијата – вели Пановски.
Тој додава дека овој светски празник барем за медицинските лица може да биде подобар од минатиот, бидејќи голем дел од нив веќе се вакцинира и со тоа се намали ризикот по нивното здравје и здравјето на нивните најблиски, а голем дел и го прележа вирусот.
– Во пресрет на Велигден и во време на светскиот јубилеј, сега е дојдено времето да се помолиме за здравјето на медицинарите, бидејќи тие се нашиот најголем спас од овие опасни случувања – заклучува Пановски.
Професорот на Медицинскиот факултет Вело Марковски напоменува дека Македонија мора да најде сила да ја победи страшната пандемија, бидејќи во овие моменти во земјата има најголема општа смртност од секакви причини.
– Ако 9.469 умрени за три месеци, односно дури 4.647 изгубени наши животи, не е причина да застанеме, да преземеме нешто, тогаш нешто не е во ред со нас – пишува тој.
Професорот вели дека во овие моменти мора да се обидеме да сфатиме зошто се состојбите такви и тие мора да се поправат, бидејќи по бројот на умрени сме во војна многу полоша за нас од Втората светска војна, а по последиците и трагедијата дури полоши и од Првата светска војна.

Весниците најдобро ги лекуваат државните рани

Социологот Илија Ацевски, пак, подвлекува дека она што е типично за оваа криза, во која го дочекуваме Светскиот ден на здравјето, е фактот дека таа нам, на целото општество, длабоко ни го оштети и менталното и физичкото здравје.
– Македонија и лани го одбележа овој јубилеј, но годинава тој очигледно е потежок од минатото. Живеејќи со секојдневни загуби, страв од заразување, но и од голема сиромаштија, нашето општество пополека запаѓа во историски најтешката криза што воопшто ни се случила – вели Ацевски.
Според социологот, пандемијата создала клима на страв, при што народот се плаши од контакти со најблиските, бидејќи никогаш не се знае од каде ќе бидеме нападнати од невидливиот непријател.
Ацевски вели дека за да се залечи општеството, сите чинители треба активно да придонесат за залечување на раните од пандемијата.
– Со позитивен исклучок на печатените медиуми, кои публикуваат анализи и даваат стимул земјата да продолжи, сите други форми на медиуми и комуникации во овие моменти се преполни со сивило. Освен весниците, сите други, телевизии и интернет-портали, дополнително го вознемируваат народот, бидејќи во нивните прилози и информации најчести зборови се смрт, болест и загуба – вели социологот.
Тој советува дека објективните анализи во медиумите во овие моменти може најдобро да го залечат ослабениот општествен дух на Македонија, а надлежните повеќе да посветат време читајќи ги информациите во нашиот печат.
– Сега треба да се поработи на духот во земјата, тој очигледно е паднат. Доброто во овие состојби е фактот дека за оваа работа не се потребни финансии туку институциите треба да придонесат да се креираат позитивна енергија и оптимизам во Македонија што ќе допре до секој наш граѓанин – заклучува Ацевски.

Да го коригираме општеството за излез од кризата

Политикологот Петар Арсовски вели дека нашата држава и општество како два фактори во земјава имаат капацитет за да се справат со здравствената криза.
– Нашите државни капацитети во смисла на менаџирањето на кризата се држат некако и сѐ уште продуцираат резултати. Ние, за среќа, сѐ уште немаме светски сценарија каде што болните лежат во ходници во болниците, туку сите до еден се хоспитализирани во леглата во болниците. Имунизацијата започна да се спроведува по алтернативни патишта, иако потфрли системот „Ковакс“, на кој државата премногу се надеваше – вели Арсовски.
Проблем, според него, е како општеството пулсира целиот овој период откога живееме со пандемијата.
– Општеството, за жал, многу потфрли во овие тешки времиња. Тоа се препознава по фактот дека многу слабо се почитуваат мерките за изолација, а кафеаните и затворените простори се секогаш полни со луѓе без заштита. Според некои анкети, кај нас 40 проценти од луѓето, иако се пријавиле, не се вакцинираат, бидејќи не веруваат во вакцините, а 20 проценти од населението, и покрај загубите, сѐ уште не веруваат во постоењето на коронавирусот.Токму затоа верувам дека наредниот период треба да се посвети повеќе енергија за закрепнување на овој фактор од нашата држава, ако навистина сакаме во скорашна иднина да излеземе со помали загуби од корона-кризата – заклучува Арсовски.

Подобар стандард за излез од колективната депресија

Во меѓувреме, премиерот Зоран Заев деновиве истакна дека додека државата живее со опасностите од пандемијата на ковид-19, на граѓаните им се потребни позитивни настани и позитивни вести, бидејќи во моментов живееме во услови на колективна психолошка депресија, која се манифестира и на индивидуално ниво.
Психологот Мирјана Стојановска Јовановска смета дека ако сакаме навистина да ги залечиме општеството и граѓаните од колективна депресија, треба освен вирусот, да ги поразиме и причините што дополнително се натежнати врз нашите граѓани.
– Лекувајќи ја економијата, анулирајќи ги политизираноста и обесправеноста на граѓаните, земјата може многу брзо, ако навистина сака, да го подобри колективното ментално здравје на нејзините граѓани. Македонците не се народ што во генетиката е депресивен, туку ние сме креативен и весел народ, кој, за жал, има искуство во надминување вакви и слични тешки кризи – вели психологот.
Таа објаснува дека нашите психолошки рани на општеството не пристигнале меѓу народот само за време на едногодишната пандемија, туку тие се тука веќе 30 години, односно од времето откога ја преживуваме транзицијата на нашата држава.
– Ние нема да сме во депресија ако имаме подобар здравствен систем, нема да сме во очај ако сме со повисок стандард и нема да сме разочарани ако политиката функционира професионално, ако мерилото за успех во животот кај граѓаните е знаењето наместо политичката припадност и политичката провениенција. Сето тоа ќе биде виза за наш излез од кризата и целосно закрепнување, и душевно и физичко – заклучува Стојановска Јовановска.


Виртуелен самит за менталното здравје

По повод Светскиот ден на здравјето, 7 Април, Светскиот форум за етика во бизнисот, со седиште во Брисел, организира виртуелен самит, насловен „Промена на парадигмите во пандемискиот свет – Како да се врати довербата? Здравје, среќа и етика“.
Според најавите, на конференцијата на која ќе присуствуваат голем број светски лидери и врвни медицински лица, главни теми на дискусиите ќе бидат агресијата и депресијата, менталното здравје, како да се најде решение за етичката и моралната криза во лидерството за време на пандемијата на ковид-19.
Генералниот директор на СЗО, д-р Тедрос Аданом Гебреизус, изјавил дека главната цел на овој состанок е пронаоѓање на вистинскиот пат и најдоброто решение за зголемување на етиката и вредностите во напорите за подобрување на физичкото и менталното здравје во целиот свет, кое е нарушено од пандемијата на коронавирусот.

[email protected]