Според помошник-командантот на Бригадата за противпожарна заштита на Град Скопје, Трајче Кметовски, кој беше вклучен во битката со пожарот во Старо Нагоричане, речиси во 90 проценти од случаите причина за пожарите се луѓето и неконтролираното палење оган на отворено, а бидејќи растенијата се суви и со мал процент на вода, условите за развој на пожар се идеални во комбинација со ветерот

Во 90 проценти од пожарите причинител е човечкиот фактор!?

Летниот период и пеколно високите температури, во комбинација со ветер и човечки фактор, се идеална причина за избивање и неконтролирано ширење на пожари. Додека изминатиот период на социјалните мрежи сите објавуваа поддршка и молитви за граѓаните на Турција, воопшто не размислувавме дека исто или барем слично сценарио може да ни се случи и нам. За жал, изминатите неколку дена во земјава поминаа во знакот на пожарите, со кои надлежните едвај излегоа накрај. За неколкуте пожари што ѝ се случија на земјава сѐ уште причината останува енигма. За среќа во оваа голема несреќа, пожарите не зедоа човечки жртви, иако, за волја на вистината, за нашата земја голема загуба е и загубата на зелените површини и дрвниот фонд.

КАДЕ ДИВЕАТ ПОЖАРИ

Изминатите неколку дена, освен што земјава ја зафатија пеколни горештини со температури над 40 степени, на Македонија ѝ се случија апокалиптично застрашувачки пожари. Населението паралелно со надлежните се бореше со огнената стихија, а онаму каде што надлежните сѐ уште не беа пристигнати, битката со огнената стихија тет а тет ја водеше локалното население.
Жителите на Кочани конечно, по непроспиени ноќи, мирно спијат. Пожарот е изгаснат, иако фотографиите од денот потоа се застрашувачки и изгледаат како сцени од апокалиптични филмови.
На социјалните мрежи сѐ уште се споделуваат тажните фотографии од исплашените но борбени граѓани, кои заедно со надлежните не дозволија огнот да го зафати градот, а тука, секако, се и фотографии од најбеспомошните – животните, кои потклекнале на огнените пламени и животите ги загубиле обидувајќи се да го пронајдат излезот од огнениот обрач.
Во битката со пожарот што ги загрози домовите на кочанчани, помош испрати јавното претпријатие „Водовод и канализација“, од каде што беа упатени шест цистерни со вода.
Пожари дивееја и во месноста Пасјак во Пехчевско-Делчевскиот Регион, дел од планината Средна, а избувна пожар и во близината на локалитетот Кокино во Старо Нагоричане.
Затворен беше и граничниот премин Богородица, бидејќи во шумата во негова близина исто така избувна пожар. За среќа, пожарот што избувна во граничниот појас беше локализиран. Пожар избувна и кај средното училиште „Димитар Влахов“ во Скопје, каде што гореше сува трева. За среќа, тој брзо беше локализиран од страна на Противпожарната бригада на Град Скопје.
До вчера напладне, според податоците на ЦУК, активни беа пожари во Струмичкиот, Кумановскиот, Битолскиот, Штипскиот, Скопскиот и Тетовскиот Регион.

КОЈА Е ПРИЧИНАТА ЗА ПОЖАРИТЕ

За најголем дел од настанатите пожари, според пожарникарите, причинител е само човечкиот фактор, односно крајната неодговорност на поединци што несовесно се однесуваат во овие временски неприлики.
Според помошник-командантот на Бригадата за противпожарна заштита на Град Скопје, Трајче Кметовски, кој беше вклучен во битката со пожарот во Старо Нагоричане и во Кочани, речиси во 90 проценти од случаите, причина за пожарите се луѓето и неконтролираното палење оган на отворено, а бидејќи растенијата се суви и со мал процент на вода, условите за развој на пожар се идеални во комбинација со ветерот.
Сепак, според него, во справувањето со пожарите мора да се работи и тогаш кога ги нема.
– Пожарите не се гасат само кога ќе се појават. Тие се гасат и превентивно, се гасат системски, со подготовка. Потребно е да се секторираат шумите (појасите), да се изградат пристапни патишта, да се набават специјални ПП-возила за гасење шумски пожари, како и соодветна опрема за гасење шумски пожари (не гранки). Треба да се направи планска изградба на црпилишта за вода, а потребни се и подготвени и обучени луѓе за гасење шумски пожари, решена мобилизација и логистика. Да се изградат извидувачки точки, но и да има извидувачки мобилни екипи на терен, во услови на зголемена температура, според степенот на опасност (не се битни боите и само тие) – вели Кметовски.
Според него, нужни се и дежурствата на мобилни екипи со возила и опрема според план, да има изучување тактика за гасење шумски пожари, раководење и опасности, заедничко дејствување на повеќе структури со штапска команда (без предрасуди и антагонизам), како и координација при дејствување од воздух и долу на терен.
Поради зголемениот ризик од пожари, Владата донесе целосна забрана за движење во шумите, како и на Водно и Скопска Црна Гора.

ПОМОШ ОД РЕГИОНОТ

Во битката и справувањето со пожарите помош пристигна од соседството и регионот.
Четири хеликоптери за гасење на пожарите пристигнаа од соседна Србија.
Mинистерот за внатрешни работи Оливер Спасовски информира дека Србија испратила четири хеликоптери за гасење на пожарите, кои ќе им се приклучат на нашите два во битката со огнената стихија.
Помош понуди и словенечкиот министер за одбрана, Матеј Тонин, кој на земјава на располагање ѝ ги стави сите свои капацитети за гасење на пожарите.
И покрај активниот пожар во соседна Бугарија, помош понуди и бугарскиот претседател Румен Радев за побрзо справување со пожарите.

[email protected]