Фото: Игор Бансколиев

Пред извесно време претставникот на Бугарија во Европската Унија, Димитар Цанчев, и поранешната министерка за надворешни работи Екатерина Захариева излегоа со изјава дека во Македонија во моментот има 120 илјади Бугари, најавувајќи истовремено дека Бугарија внимателно ќе го следи пописот што во септември треба да се одржи во Македонија, за да видат дали земјава ги почитува европските критериуми. Други примери покажуваат дека и кај други наши соседи не се различни амбициите

Соседите лицитираат со бројот на свои сограѓани во Македонија

Сите лицитираат колку нивни граѓани има во Македонија, но никој не сака да признае колку Македонци живеат на територијата на нивната земја, што е уште една потврда за континуираното мешање на соседите во внатрешната политика на земјава, но и потфрлање на Македонија да се избори за статусот на нашинците во соседните земји.
Пред извесно време претставникот на Бугарија во Европската Унија, Димитар Цанчев, и поранешната министерка за надворешни работи Екатерина Захариева излегоа со изјава дека во Македонија во моментот има 120 илјади Бугари, најавувајќи истовремено дека Бугарија внимателно ќе го следи пописот што во септември треба да се одржи во Македонија, за да видат дали земјава ги почитува европските критериуми. Пред неколку месеци истата министерка, во пресрет на пописот, кој првично беше закажан за април, оперираше со бројка од 80 илјади Бугари во земјава, но по неговото одложување за септември, таа бројка за само три-четири месеца се зголеми за 40 илјади, така што не би било за изненадување ако бугарските политичари пред септември излезат со бројка од 200 илјади Бугари во Македонија.
Лицитирање за бројот на население во земјава имаше и од соседна Албанија, каде што некои од тамошните политичари и историчари исто така си играа весела математика со бројки од стотици илјади Албанци во Македонија без да имаат конкретни податоци.
Ваквата лицитирачка политика од соседите е еднострана, односно сите „знаат“ колку Бугари и Албанци има во Македонија, но не им се слуша колку Македонци има на нивна територија.

Поранешниот дипломат Драган Јањатов смета дека ваквите лицитирања со бројки на нивно население во Македонија се без никаква основа.
– Какви 100 илјади Бугари, па тука нема ни илјада луѓе што би се декларирале за Бугари. Јас би ѝ предложил на Захариева, новата бугарска влада да оддели средства и ние во Македонија да направиме референдум да видиме колку луѓе ќе се изјаснат за Бугари. Ако се изјаснат повеќе од 50 отсто од населението за Бугари, еве, ќе признаеме дека ние имаме бугарски корени и ќе го решиме прашањето. А ние ќе направиме ист таков референдум во Бугарија, да видиме колку Македонци има таму – предлага Јањатов.
Според него, ваквите атаки од страна на соседите се резултат и на негрижата што Македонија ја има за сопствената дијаспора.
– Кога бевме во социјализмот, имавме точни податоци што, каде и колку има и во Албанија и во Грција и во Бугарија. Едноставно се водеше сметка за македонското национално малцинство во овие земји. Имаше друштва, имаше контакти, тоа се негуваше. Сега, во плурализмот, а читај го плурализмот во некои соседни земји како изразит национализам, ги избришаа Македонците како со гумичка. Како може да нема Македонци во Бугарија, кога има погранични места, Струмица, Петрич… Факт е дека таму има и македонски здруженија, меѓутоа проблемот е кај нас, не е кај нив, што ние тие луѓе едноставно ги заборавивме – вели Јањатов.
Тој додава дека своевремено државата имала институции што се грижеле за иселениците.
– На времето имавме Комисија за културни врски со странство, имавме Матица на иселеници од Македонија. Тоа беа институции што се занимаваа со тие проблеми и во секој момент се знаеше каде и колку има македонско население. Сега ништо не знаеме и затоа соседите лицитираат со бројки на наводно нивно население кај нас – констатира Јањатов.

Правниот застапник на Македонците во Бугарија, Тони Менкиноски, смета дека македонската дипломатија е таа што потфрлила во заштитата на правата на Македонците во соседните земји.
– Изговорот на македонската политичко-дипломатска „елита“ дека со бришење на членот во Уставот каде што беше предвидена грижата за македонските малцинства во соседството не значи и апстиненција и непреземање дејства, напротив, постои обврска во согласност со ратификувани мултилатерални договори и членство во мултилатерални организации на Македонија да биде активен и афирмативен учесник во овие процеси на заштита на основните човекови слободи и права – е ставот на Менкиноски.
Несомнено, грижата за Македонците во соседството од страна на матичната држава ќе предизвика посериозен пристап и на соседите, кои наместо да лицитираат со бројки колку нивно население има во Македонија, повеќе ќе водат сметка за почитување на правата на македонското малцинство на своја територија, а помалку ќе измислуваат сопствени малцинства таму каде што ги нема.