Премиерот Зоран Заев најави дека ќе бидат сменети повеќе од тројца министри, но не сакаше да ја открие точната бројка ниту имињата.

-Повеќе министри ќе бидат разрешени, бројката не ја кажувам. Досега се сменети шест министри, јас сум вкупно до бројката од една третина од Владата. Ќе има повеќе од тројца министри-рече Заев.

Тој, исто така, не сакаше да открие кој ќе дојде на местото на министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, кој денеска е назначен за генерален секретар на СДСМ, на местото на Александар Кирацовски.

-Имам во глава решение. Штом ќе ја донесам одлуката ќе ја соопштам- рече Заев.

Тој најави дека во периодот што следува ќе има промени освен на министри и на заменици министри и директори.

-Секаде каде што нема резултат односно се покажала ароганција, немало успешност, немало демократски капацитет, ќе има промени. Голем фокус ќе има на локалната самоуправа таму има слабости и кај градоначалници и кај локални прептријатија, мора да има промена оти ветивме живот за сите и тоа мора да го исполниме- рече Заев.

Премиерот кажа дека ќе станува збор за нови кадри, а не за ротација.

На новинарско прашање дали и тој ќе даде оставка, Заев рече дека не гледа причина за тоа.

-Оваа влада, овој премиер ги реши сите отворени прашања. Не гледам никаква причина Зоран Заев да даде оставка. Не ми паѓа на памет да дадам оставка, гледате како сум релаксиран- рече Заев.