Премиерот Зоран Заев, денеска, му беше домаќин на поранешниот претседател на државата, Бранко Црвенковски, кој на оваа средба се појави во својство на член на Подгорочкиот клуб на поранешни претседатели на држави и шефови на влади на земјите од регионот.

Како што информираат од владината прес-служба, Црвенковски го информирал Заев за иницијативата Подгорочкиот клуб да организира регионална конференција во Скопје на тема „Проширувањето на ЕУ на крстопат“ на почетокот на јуни годинава.

-Целта на оваа конференција е да се поттикне и обезбеди поддршката за пристапување на земјите од Западен Балкан во ЕУ, со декларација која од конференцијата ќе им биде испратена на лидерите на Европската Унија со укажување на негативните последици на национално и регионално ниво што би произлегло од евентуалното одлагање на овој процес, објаснил Црвенковски на средбата.

Премиерот Заев ја прифатил поканата да ја поддржи конференцијата и да биде домаќин на прием што по тој повод ќе биде одржан за учесниците на настанот.